HomeТРЕНДПРЕТЕРУВАЊЕТО СО ДОДАТОЦИ ВО ИСХРАНАТА МОЖЕ ДА БИДЕ ОПАСНО

ПРЕТЕРУВАЊЕТО СО ДОДАТОЦИ ВО ИСХРАНАТА МОЖЕ ДА БИДЕ ОПАСНО

Од погуста коса и посилни коски до подобро расположение – денес на пазарот постојат додатоци во исхраната за речиси секоја потреба. Иако одредени витамини, минерали и билни препарати можат да имаат позитивно влијание врз организмот, нивното прекумерно консумирање може да предизвика сериозни здравствени проблеми.

Како што предупредуваат експертите за исхрана, фактот дека некој производ содржи природни состојки или доаѓа од познат производител не значи дека е целосно безбеден. Според анализата објавена од „EatingWell“, постојат неколку важни ризици на кои треба да се внимава при користење додатоци во исхраната.

Една од можните последици е оштетување на црниот дроб. Овој орган има важна улога во обработката на супстанциите што ги внесуваме, а во него се складираат и одредени витамини.

Нутриционистката Ерин Персон предупредува дека витамините растворливи во масти, како витаминот А, можат да се натрупуваат во организмот. За разлика од витамините растворливи во вода, чиј вишок најчесто се исфрла преку урината, прекумерните количества витамин А можат да останат во телото и со текот на времето да предизвикаат токсичност и оштетување на црниот дроб.

Ризик постои и при прекумерна употреба на одредени билни препарати, меѓу кои екстракт од зелен чај, ашваганда, кава-кава, куркума и цимицифуга, како и при внесување високи дози витамин Б3. Особено внимателни треба да бидат лицата кои веќе имаат заболувања на црниот дроб.

Друг сериозен проблем се можните интеракции со лековите. Иако многу додатоци се достапни без лекарски рецепт, тоа не значи дека можат безбедно да се комбинираат со секоја терапија.

На пример, калциумот и железото можат да ја намалат апсорпцијата на левотироксин, лек кој се користи за лекување на нарушувања на тироидната жлезда. Од друга страна, препаратите со лук, гинко и рибино масло можат да влијаат врз згрутчувањето на крвта. Ова е особено важно за пациентите кои користат антикоагулантни лекови, како варфарин.

Прекумерното земање додатоци може да ја наруши и рамнотежата на хранливите материи во организмот. Поголемото количество не секогаш значи и подобра искористеност, бидејќи некои минерали меѓусебно ја попречуваат апсорпцијата.

Нутриционистката Ерин Персон објаснува дека истовременото внесување калциум и железо може да ја намали искористливоста на железото, поради што се препорачува нивно земање во различни делови од денот.

Сличен ризик постои и кај цинкот и бакарот. Според нутриционистката Џули Стефански, долготрајното земање високи дози цинк, со намера да се зајакне имунитетот, може да доведе до недостаток на бакар. Таквата нерамнотежа може да предизвика анемија и невролошки проблеми.

Како четврта опасност се издвојува зголемениот ризик од појава на бубрежни камења. Одредени додатоци можат да придонесат за нивно формирање, особено кај луѓето кои веќе имаат предиспозиција за ваков проблем.

Нутриционистката Мелани Бец, специјализирана за здравјето на бубрезите, предупредува дека некои билни препарати можат да содржат високи концентрации на оксалати. Меѓу состојките кои можат да се најдат во таквите производи се циметот, цвеклото, куркумата, црниот бибер и спанаќот.

Додека нивното консумирање преку вообичаена исхрана најчесто не претставува проблем, концентрираните додатоци можат да носат поголем ризик. Високите дози витамин Ц исто така можат да го зголемат количеството оксалати во урината, а одредени начини на комбинирање калциум и витамин Д се поврзуваат со поголема можност за појава на бубрежни камења.

Нутриционистите нагласуваат дека додатоците во исхраната не треба да се земаат без јасна потреба. Иако социјалните мрежи често создаваат впечаток дека за добро здравје се неопходни голем број препарати, основата и понатаму остануваат разновидната и балансирана исхрана, редовната физичка активност, квалитетниот сон и контролата на стресот.

Додатоците можат да бидат корисни кога постои утврден недостиг на одреден витамин или минерал, при специфични режими на исхрана или кај заболувања што ја отежнуваат апсорпцијата на хранливите материи.

Затоа, доколку постои сомнеж за недостаток на одредени хранливи материи, најдобро е изборот на препаратот и соодветната доза да се утврдат во консултација со лекар или квалификуван нутриционист.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО