Пожарот што неодамна зафати дел од атарот на селото Мегленци во општина Новаци откри уште една опасност на теренот. По интервенција на надлежните служби, пронајдени се и безбедно отстранети две артилериски гранати што датираат од Првата светска војна.
Станува збор за гранати со калибар 75 и 155 милиметри, кои биле откриени од припадници на Територијалната противпожарна единица од Битола.
Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека убојните средства биле зафатени од пожарот, но и покрај изложеноста на високите температури не дошло до експлозија. На терен интервенирал пиротехничар од ДЗС, кој ги отстранил гранатите на безбеден начин.
Со интервенцијата е елиминиран дополнителниот ризик за жителите, пожарникарите и останатите екипи кои работат на теренот по пожарот.
Од надлежните служби потсетуваат дека старите неексплодирани убојни средства можат да претставуваат сериозна опасност, особено при пожари. Високите температури, поместувањето на земјиштето и интервенциите на терен може да предизвикаат нивно активирање.
Апелот е доколку граѓаните забележат предмет за кој се сомневаат дека е неексплодирано убојно средство, да не го допираат или поместуваат, туку веднаш да ги известат надлежните служби.

