Ново истражување покажува дека родителите за време на семејните оброци ги користат мобилните уреди дури и почесто од своите деца, што може негативно да влијае врз семејната поврзаност. Сепак, научниците велат дека и само еден оброк неделно без екрани може да направи значајна разлика.
Истражувањето, чии резултати се објавени во списанието „JAMA Pediatrics“, опфатило повеќе од 350 родители. Резултатите покажале дека повеќе од 75 отсто од нив користеле некаков медиум за време на последниот семеен оброк, а најчесто станувало збор за паметни телефони.
Родителите истовремено пријавиле дека и нивните деца, на возраст од 4 до 10 години, биле речиси подеднакво зафатени со екраните. Речиси 70 отсто од децата користеле некаков електронски уред за време на оброкот.
„Медиумите се вовлекоа во нашите животи повеќе отколку што мислиме“, вели Сесилија Сада Гарибеј, коавторка на истражувањето и докторандка на Универзитетот во Аризона.
Таа посочува дека родителите треба да станат посвесни за тоа како користењето на мобилните телефони и другите уреди влијае врз односот со нивните деца.
„Ако на масата имате уред и постојано го проверувате, тоа може да ги загрози драгоцените моменти што ги поминувате со децата во текот на денот и да остави последици врз вашиот однос“, предупредува Сада Гарибеј.
Иако за многу семејства е тешко секојдневно да организираат заеднички оброк поради училишните обврски, тренинзите и другите активности, експертите сметаат дека не е неопходно тоа да се случува секоја вечер.
Според истражувањето, дури и воведувањето на еден оброк неделно без мобилни телефони, телевизори и други екрани може да биде важен чекор кон подобра комуникација и поголема семејна поврзаност.

