Шон Конери остана запаметен како првиот актер кој го оживеа Џејмс Бонд на големото платно, но продуцентите на популарната франшиза првично разгледувале и друга опција. Пред Конери, во сериозна конкуренција за улогата бил Роџер Мур, кој години подоцна стана третиот актер што го толкуваше легендарниот агент 007.
Мур за првпат се појави како Бонд во 1973 година во филмот „Live and Let Die“, но неговиот син Џефри Мур откри дека можел да ја добие улогата многу порано. Во разговор за „Daily Mail“, тој објаснил дека неговиот татко бил првиот избор, но не можел да го раскине договорот со телевизиската компанија ITC.
Според Џефри, авторот на романите за Џејмс Бонд, Ијан Флеминг, бил голем обожавател на серијата „Светец“, во која Мур ја имал главната улога, и токму него сакал да го види како агентот 007. Мур во тоа време бил близок и со продуцентите Алберт „Каби“ Броколи и Хари Салцман, со кои често се дружел.
Сепак, улогата на Бонд на крајот му припаднала на Шон Конери, додека Мур својата шанса ја добил повеќе од една деценија подоцна. Неговиот син смета дека тоа всушност било вистинското време за неговиот татко, бидејќи секој актер што го играл Бонд внел нешто различно во ликот и го прилагодил на времето во кое се снимале филмовите.
Според него, Конери бил поблизок до оригиналниот лик од романите на Флеминг, додека сценаријата за филмовите со Мур биле приспособувани на неговиот карактер. Со тоа Бонд добил посмирен и посочувствителен пристап, во период кога општеството постепено се менувало.
Џефри Мур, кој и самиот се појавил во шпионски филм, зборувал и за огромниот ангажман што го носи улогата на Џејмс Бонд. Според него, актерот кој ќе биде избран мора да биде подготвен на долгогодишно снимање, напорни тренинзи и повеќемесечна промоција по завршувањето на секој филм.
Тој се осврнал и на шпекулациите дека самиот можел да биде кандидат за Бонд. Вели дека идејата синот на Роџер Мур да го наследи татко му би била интересна за јавноста, но признава дека станува збор за улога која бара огромна посветеност.
По последниот филм со Даниел Крег, „No Time to Die“ од 2021 година, повторно се појавија бројни шпекулации за тоа кој ќе биде следниот актер во улогата на агентот 007. Во јавноста досега се споменуваа повеќе имиња, но изборот останува во рацете на продуцентите.
Џефри Мур смета дека доколку некогаш се создаде женска верзија на агентот 007, подобро би било да се креира нов лик наместо Џејмс Бонд да биде претставен како жена. Како пример за успешна женска акциска хероина ја посочил Шарлиз Терон во филмот „Атомска русокоса“, нагласувајќи дека нова шпионка би можела да донесе поинаков пристап кон жанрот.

