HomeСПОРТРУИЗ ВЛЕГУВА ВО ТРКАТА ЗА ЗЛАТНАТА ТОПКА

РУИЗ ВЛЕГУВА ВО ТРКАТА ЗА ЗЛАТНАТА ТОПКА

Фабијан Руиз сè посериозно се споменува меѓу кандидатите за освојување на „Златната топка“ за 2026 година, а шпанскиот репрезентативец има силен аргумент зад себе – минатата сезона освои Светско првенство, Лига на шампиони и француско првенство.

Играчот за врска на Пари Сен Жермен во интервју за „L’Equipe“ и „France Football“ зборуваше за своите шанси за најпрестижната индивидуална награда во фудбалот. Руиз остана внимателен во проценките и порача дека конечниот избор ќе го направат гласачите.

„Најважно ми е да бидам на располагање на тимот и да се трудам да бидам меѓу најдобрите. Минатата година бев меѓу 30-те номинирани и завршив на 24. место. Се надевам дека овојпат ќе бидам подобро пласиран“, изјави тој.

Кога бил прашан дали некој имал подобра сезона од него, Руиз бил нешто подиректен.

„Зависи како гледате. Ако ги гледаме трофеите, не. Индивидуално, имаше големи играчи со одлични сезони. Кандидати има многу. Самото тоа што сум во разговорите за „Златната топка“ е голема чест“, рече шпанскиот фудбалер.

Неговата кандидатура сепак има и слабост. Руиз пропушти околу три месеци поради повреда на коленото, но смета дека тоа не би требало значително да влијае врз гласањето.

Тој се врати на терените навреме за завршницата од Лигата на шампионите и повторно доби доверба од тренерот на ПСЖ. Според него, токму настапите во клучните натпревари покажале дека и покрај паузата имал значаен придонес за клубот и репрезентацијата.

На листата од 30 номинирани се наоѓаат и најголемите фудбалски ѕвезди, меѓу кои Килијан Мбапе, Ламин Јамал, Винисиус Жуниор, Ерлинг Халанд, Џуд Белингем, Лионел Меси, Родри, Усман Дембеле и Витина.

Церемонијата на доделување на „Златната топка“ е закажана за 26 октомври во Лондон. Тоа ќе биде историско издание бидејќи наградата за првпат ќе биде доделена надвор од Париз.

Руиз минатата сезона за ПСЖ одигра 34 натпревари, постигна два гола и запиша пет асистенции, додека за Шпанија настапи на сите осум натпревари на Светското првенство.

Во конкуренција во која се најголемите имиња на светскиот фудбал, шпанскиот играч за врска се потпира на едно нешто што малкумина можат да го надминат – освоените најголеми трофеи во сезоната.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО