Русија воведе ново ограничување на извозот на сулфурна киселина, кое ќе биде во сила до крајот на годинава. Москва со оваа мерка сака да обезбеди доволни количини за домашната индустрија, особено за производителите на вештачки ѓубрива.
Забраната ќе почне да важи десет дена по официјалното објавување на владината одлука, која минатата недела ја потпиша премиерот Михаил Мишустин.
Сулфурната киселина е една од најзначајните индустриски хемикалии, а приближно половина од светското производство се користи за производство на вештачки ѓубрива. Се применува и во фармацевтската индустрија, производството на синтетички влакна и бои, како и во низа други индустриски процеси.
Сепак, руската забрана не е целосна. Извоз ќе биде дозволен во случаи опфатени со меѓувладини договори, како и со посебна дозвола од премиерот или потпретседателот на владата. Ограничувањето нема да важи ниту за пратки кои транзитираат низ Русија и се наменети за други земји.
Москва веќе презеде сличен чекор и со самиот сулфур. Во јуни владата ја продолжи до крајот на годината привремената забрана за негов извоз, првично воведена во ноември 2025 година поради потребата од стабилизирање на домашното снабдување за производство на ѓубрива.
Рускиот сектор за производство на ѓубрива претходно побара и дополнителни мерки поради драматичниот раст на цените на сулфурот. Според индустриското здружение, цената на оваа суровина, која е клучна за производство на фосфатни ѓубрива, од почетокот на 2025 година пораснала повеќекратно.
Како главни причини за недостигот се наведуваат намаленото производство во Русија и Казахстан, како и прекините на работата на дел од капацитетите за преработка на нафта и гас. Падот на понудата дополнително ги зголемил цените на светскиот пазар и создаде притисок врз производителите на ѓубрива.

