Резултатите од најновото ПИСА истражување покажуваат сериозно заостанување на македонските ученици зад просекот во земјите на ОЕЦД. Само 1 отсто од петнаесетгодишниците во Северна Македонија достигнуваат највисоки нивоа по математика, додека просекот во ОЕЦД е 8 отсто.
Уште позагрижувачки се резултатите по читање и природни науки, каде практично нема ученици кои ги достигнале највисоките нивоа. Во ОЕЦД, на највисоките нивоа се околу 6 отсто од учениците по читање и 7 отсто по природни науки.
Само 26 отсто од учениците во земјава го достигнуваат минималното ниво на функционална писменост по читање, наспроти 69 отсто во ОЕЦД. По математика основното ниво го достигнуваат 32 отсто, а по природни науки 36 отсто, додека просеците во ОЕЦД се 65 и 74 отсто.
Во споредба со ПИСА 2022, резултатите по математика се влошени, додека кај читањето и природните науки се приближно непроменети. Воедно, се зголемил јазот меѓу учениците со највисоки и најниски резултати.
Истражувањето покажува и дека 24 отсто од учениците сметаат дека училиштето е губење време. Дури 35 отсто изјавиле дека пропуштиле најмалку еден цел ден на училиште во двете недели пред тестирањето, а 57 отсто најмалку еднаш задоцниле.
Вештачката интелигенција веќе е дел од учењето – 44 отсто од учениците велат дека користат AI чет-ботови за помош при учењето најмалку еднаш неделно.
Резултатите од ПИСА 2025 повторно го отвораат прашањето за квалитетот на образованието и потребата од мерки за подобрување на знаењето и функционалната писменост кај учениците.

