HomeМКДСДСМ СО ЖЕСТОК НАПАД ВРЗ БРАНКО ЦРВЕНКОВСКИ

СДСМ СО ЖЕСТОК НАПАД ВРЗ БРАНКО ЦРВЕНКОВСКИ

Актуелното раководство на СДСМ, предводено од Венко Филипче, влезе во остра конфронтација со поранешниот партиски лидер Бранко Црвенковски, упатувајќи му сериозни обвинувања и навредливи квалификации во официјално партиско соопштение објавено на 29 октомври.

Во текстот, објавен под наслов „Последни претања на Платформата – ЗНАМ 2.0 – од Левица до Црвенковски“, партијата го обвинува својот поранешен претседател за наводни деловни и политички врски со ВМРО-ДПМНЕ, како и за учество во создавањето на движењето ЗНАМ.

„Човек што со години работи бизнис со ВМРО, човек што помагаше во правењето на ЗНАМ прва верзија. Мицкоски финансираше“, се наведува во соопштението.

Тонoт на партиската реакција дополнително се заострува во делот во кој се споменува враќањето на Црвенковски во политичките пресметки. Од СДСМ прашуваат дали на тоа се однесувале најавите за „вадење коски од минатото“, а потоа користат изрази како „мумии“ и „балсамирани ликови“ за луѓето за кои тврдат дека придонеле за слабеење на партијата.

Посебно внимание предизвикува фактот што станува збор за Бранко Црвенковски, еден од основачите и прв претседател на СДСМ. Тој ја предводеше партијата од нејзиното формирање во 1991 година, а подоцна беше премиер и претседател на државата. Неговата влада од 1992 година има значајно место и во историскиот преглед што самата партија го објавува за своето политичко дејствување во првите години од независноста.

Во истото соопштение на мета се и други критичари на актуелното раководство, меѓу кои Петре Шилегов и Максим Димитриевски, како и Платформата, ЗНАМ, Левица, аналитичари и медиуми. СДСМ ги поврзува нивните активности со политички и деловни интереси, па дури и со влијанија од странски центри.

Партијата ги толкува барањата за промени и реформи како обид за создавање нов политички субјект и ги поврзува со интересите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Сепак, во соопштението не е посочена конкретна изјава на Црвенковски што ја предизвикала реакцијата. Наместо директен одговор на негов евентуален став, партијата изнесува обвинувања за неговите наводни врски и користи лични квалификации, отворајќи нова линија на внатрешна политичка конфронтација во СДСМ.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО