Кинеското партиско раководство започна четиридневна средба на која треба да се утврдат конкретни мерки за зајакнување на внатрешната дисциплина и управувањето со Комунистичката партија, додека претседателот Си Џинпинг продолжува да се залага за идеолошко единство и заострена борба против корупцијата.
Си го информирал Централниот комитет за нацрт-документ посветен на предизвиците со кои се соочува партијата. Според кинеската државна новинска агенција „Синхуа“, меѓу главните теми се подобрувањето на способноста за управување и спречувањето на корупцијата, која е една од клучните цели на политиката на кинескиот лидер.
Во коментар објавен од „Синхуа“ се нагласува дека одлуките и плановите на партиското раководство мора да се спроведуваат во практика, а не да останат само декларативни заложби. За таа цел, се посочува потребата од усовршување на институционалните правила, затворање на правните празнини и воспоставување механизми што ќе обезбедат доследна примена на донесените одлуки.
Состанокот на Централниот комитет се одржува зад затворени врати и треба да трае до четврток. Ова е петтиот пленум на актуелниот состав, формиран во 2022 година. Според оценките на аналитичарите, средбата би можела да биде едно од последните големи партиски собирања пред најавеното преуредување на раководството во 2027 година, кога се очекува да се отвори прашањето за идниот состав на највисоките партиски функции.
Во текот на своето владеење, Си Џинпинг ја засили кампањата против корупцијата, во чии рамки беа сменети или отстранети стотици високи функционери, меѓу нив и генерали од највисоките воени структури. Мерките ги погодија и некои поранешни соработници на претседателот.
Критичарите предупредуваат дека смените во врвот на вооружените сили можат да предизвикаат нестабилност и да влијаат врз воената подготвеност. Партиското раководство, од друга страна, ја претставува кампањата како неопходен процес за обновување на институциите и зајакнување на дисциплината. Во партиските пораки се користи и метафората дека армијата треба да се прероди како феникс и повторно да се зацврсти низ процесот на промени.
Во коментарот на „Синхуа“, борбата против корупцијата се опишува како долгорочен и систематски процес, чија цел е функционерите да немаат можност, мотив или подготвеност да се впуштаат во коруптивни практики.
Агенцијата оценува дека ваквиот пристап би можел да придонесе за поголема предвидливост за странските инвеститори и за меѓународните партнери. Воедно, се промовира идејата за потранспарентна деловна средина во која професионалните заслуги и владеењето на правото би имале предност пред личните врски и поткупот.

