Манчестер Сити е пред реализација на најскапиот излезен трансфер во историјата на клубот. Бразилскиот репрезентативец Савињо е на чекор до преселба во Тотенхем, а трансферот, откако ќе бидат усогласени последните детали, би можел да достигне вредност од 99 милиони евра.
Според информациите од Бразил, фиксниот дел од обесштетувањето изнесува 93,3 милиони евра, додека дополнителни 5,7 милиони евра би можеле да бидат исплатени преку бонуси поврзани со настапите на фудбалерот.
Со тоа Савињо ќе го собори досегашниот клупски рекорд на Манчестер Сити кога станува збор за продажба на играч. Досегашниот рекорд изнесуваше 75 милиони евра, колку што Атлетико Мадрид плати за Хулијан Алварез. Зад него се трансферите на Рахим Стерлинг во Челзи за 56,2 милиони евра, Феран Торес во Барселона за 55 милиони и Габриел Жесус во Арсенал за 52,2 милиони евра.
Интересот на Тотенхем за 22-годишниот Бразилец трае уште од почетокот на минатата сезона, но дополнително се засилил откако тренерот Роберто Де Зерби инсистирал на негово доведување. Двата клуба веќе ја усогласиле финансиската структура на трансферот, а се очекува Савињо наскоро да добие дозвола да отпатува во Лондон на лекарски прегледи.
Главната причина поради која фудбалерот сака да го напушти Манчестер Сити е желбата да добива поголема минутажа. Савињо не беше ниту во составот за финалето на англискиот Суперкуп против Арсенал, во кое Сити загуби со 3:0.
Иако пред само една година Манчестер Сити одби понуда од 60 милиони фунти за него и му го продолжи договорот до 2031 година, ситуацијата во меѓувреме се промени. Овојпат понудата е значително повисока, а самиот фудбалер е решен да направи нов чекор во кариерата.
Во двете сезони на „Етихад“, Савињо одигра 84 натпревари, постигна седум гола и забележа 13 асистенции, а со клубот освои три трофеи. Сепак, неговиот статус во тимот не беше стандарден. Во последната година започна само 14 од вкупно 36 натпревари.
Минатата сезона постигна само еден гол во Премиерлигата, а вкупно четири во сите натпреварувања. Малата минутажа во клубот влијаеше и врз неговиот статус во бразилската репрезентација. Савињо беше стартер за Бразил на последната Копа Америка, но подоцна го загуби местото во националниот тим.
Неговиот пад во репрезентативниот статус се совпадна и со доаѓањето на Карло Анчелоти на селекторската позиција. Со почетокот на новиот репрезентативен циклус, Савињо сака преку редовни настапи во Премиерлигата повторно да се наметне во националниот тим.
Доколку трансферот биде официјализиран, Савињо не само што ќе добие нова шанса за поголема минутажа, туку ќе влезе и во историјата како фудбалер за кого Манчестер Сити остварил најголема продажба.

