Северна Македонија и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) официјално го финализираа финансирањето за изградба на автопатската делница Скопје–Блаце, со што се отвора патот за старт на градежните активности. Проектот е вреден 198,4 милиони евра и вклучува комбинација од грант и кредитни средства.
Од вкупната сума, 30,8 милиони евра се грант од Европската Унија, додека 167,6 милиони евра се обезбедени преку заем од ЕБОР. Според најавите, изградбата треба да започне во август, а рокот за реализација е четири години.
Новата сообраќајница ќе го поврзе Скопје со граничниот премин Блаце кон Косово и се смета за еден од клучните инфраструктурни проекти за подобрување на регионалната поврзаност и трговија.
Делницата ќе биде долга околу 10,5 километри, од клучката Стенковец до границата, додека со веќе изградените делови вкупната должина ќе достигне околу 12 километри.
Проектот се издвојува по својата сложеност, бидејќи трасата поминува низ ридско-планински терен. Планирана е изградба на пет тунели со две цевки, девет мостови, повеќе потпатници, како и галерии и потпорни ѕидови за стабилизација на косините.
Од надлежните посочуваат дека станува збор за еден од најпредизвикувачките патни проекти во државата, поради специфичната конфигурација на теренот.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека автопатот има стратешко значење, бидејќи ја зајакнува позицијата на земјата како важна транзитна точка на Балканот и дел од европските транспортни коридори.
Тој додаде дека иако официјалниот рок за завршување е четири години, постои очекување проектот да биде завршен и порано, доколку динамиката на изградбата се одвива според планот.

