Состојбите во Основниот суд Куманово се предмет на разгледување од страна на Судскиот совет, откако Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани – УПОЗ изнесе реакции во врска со наводен несоодветен однос кон дел од вработените.
Од Судскиот совет информираат дека случајот се следи подолг период и дека веќе се преземени конкретни активности за да се утврдат околностите и фактите поврзани со наводите.
Членот на Советот, Ивица Николовски, посочи дека биле формирани две комисии кои работат на проверка на состојбата и прибирање на релевантните информации.
Според него, работата на комисиите е при крај, а нивните извештаи се очекува да бидат доставени и разгледани на една од следните седници на Судскиот совет.
Во меѓувреме, до Советот пристигнале и дополнителни поднесоци и претставки од страните кои се опфатени со случајот. Тие, како што беше посочено, ќе бидат земени предвид заедно со останатите собрани материјали.
По завршувањето на анализата и разгледувањето на извештаите, Судскиот совет треба да одлучи дали и какви понатамошни активности ќе бидат преземени во врска со состојбата во Основниот суд Куманово.

