HomeГЛОБУСУСТАВНИОТ СУД ВО ПРИШТИНА ПОСТАВИ РОК ДО 6 ОКТОМВРИ

УСТАВНИОТ СУД ВО ПРИШТИНА ПОСТАВИ РОК ДО 6 ОКТОМВРИ

Политичката неизвесност во Приштина повторно се продлабочува, откако Уставниот суд утврди дека рокот за избор на претседател на привремените институции истекува на 6 октомври. Доколку до тој датум не биде обезбедено потребното мнозинство во Собранието, институциите би можеле повторно да одат на вонредни парламентарни избори.

Одлуката е донесена по барањата поднесени од Демократската партија на Косово, која пред Судот ја оспоруваше уставноста на постапките поврзани со конституирањето на Собранието и формирањето на Владата.

Според образложението на Судот, рокот од 60 дена за избор на претседател почнал да тече на 8 август, што значи дека последниот ден за избор е 6 октомври.

Во одлуката се констатира и дека Собранието било конституирано по истекот на рокот од 30 дена предвиден со Уставот. Сепак, според Судот, тоа не го менува рокот што се однесува на изборот на Владата и претседателот.

Доколку пратениците не успеат да изберат претседател до истекот на рокот, Собранието би било распуштено, по што би следувале нови парламентарни избори. Согласно член 66 од Уставот, гласањето треба да се одржи во рок од најмногу 45 дена од денот на распуштањето на Собранието.

Последниот обид за избор на претседател заврши без успех, откако Беким Сејдиу се откажа од кандидатурата. Тој беше предложен како заеднички кандидат на Демократскиот сојуз и Движењето Самоопределување, но шестмина од 18-те пратеници на неговата партија најавија дека нема да гласаат за него.

Со повлекувањето на кандидатурата дополнително се усложни ситуацијата околу обезбедувањето на потребното двотретинско мнозинство. За избор на претседател потребно е во гласањето да учествуваат најмалку 80 од вкупно 120 пратеници.

Во меѓувреме, должноста претседател на привремените институции ја врши претседателката на Собранието, Албулјена Хаџиу.

Политичката криза во Приштина трае подолг период. По парламентарните избори одржани во февруари 2025 година не беше постигнат договор за формирање Влада, по што во декември беа организирани нови избори.

Ниту по тие избори не беше избран претседател во рокот утврден од Уставниот суд, што доведе до уште едни вонредни парламентарни избори, одржани на 7 јуни.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО