HomeМКДФРАНЦУСКИ СЕНАТОРИ ВО ПОСЕТА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

ФРАНЦУСКИ СЕНАТОРИ ВО ПОСЕТА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Парламентарните односи меѓу Северна Македонија и Франција ќе бидат во фокусот на дводневната посета на делегација од Групата за пријателство Франција – Балкан при Сенатот на Француската Република. Француските сенатори денеска и утре ќе остварат повеќе средби со највисоки државни и парламентарни претставници во земјава.

Делегацијата ја предводи претседателката на Групата за пријателство, Марта де Сидрак, а во неа се и сенаторите Арно Базен, кој е надлежен за односите со Северна Македонија, Ален Милон и Лоранс Арибе.

За време на престојот во земјава, француските сенатори ќе имаат средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши, по што ќе разговараат со членовите на собраниската група за соработка со Парламентот на Француската Република.

Предвидена е и посета на Францускиот институт во Скопје, каде што делегацијата ќе се запознае со активностите на оваа институција и нејзината улога во развојот на културните и образовните врски меѓу двете земји.

Програмата продолжува во петок со посета на Француското интернационално училиште во Скопје. Сенаторите таму ќе се сретнат со учениците, а потоа ќе учествуваат на разговори со пратениците од Националниот совет за евроинтеграции.

Во рамки на посетата е предвидена и средба со претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова. На средбите се очекува да бидат разгледани теми поврзани со билатералните односи, парламентарната соработка, како и европските аспирации на Северна Македонија.

Посетата ќе заврши со церемонија на Француските воени гробишта во Скопје. Француската делегација ќе положи венец и ќе им оддаде почит на француските војници кои ги загубиле животите на Источниот фронт.

Од француска страна посетата се оценува како можност за дополнително продлабочување на парламентарните контакти и отворање нови перспективи за соработка меѓу двете земји, особено во контекст на процесот на европска интеграција на Северна Македонија.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО