Аргентина ќе настапи во гостинската црно-сина гарнитура на полуфиналниот натпревар против Англија на Светското првенство, откако ФИФА го одобри барањето на аргентинската репрезентација. Дуелот меѓу двете селекции е закажан за среда на стадионот „Мерцедес-Бенц“ во Атланта и ќе го даде вториот финалист на Мундијалот.
Изборот на дресовите има и симболична тежина, бидејќи потсетува на легендарниот четвртфинален натпревар од Светското првенство во 1986 година, кога Аргентина ја совлада Англија со 2:1. Тој натпревар остана запаметен по двата историски гола на Диего Армандо Марадона – контроверзниот погодок познат како „Божјата рака“ и маестралниот соло-продор низ англиската одбрана. Аргентина подоцна ја освои светската титула.
Покрај носењето на гостинската гарнитура, ФИФА им дозволи на аргентинските фудбалери да настапат и со црни ленти на раката во знак на жалост за Антонио Убалдо Ратин, поранешен капитен на аргентинската репрезентација на светските првенства во 1962 и 1966 година, кој почина на 11 јули на 89-годишна возраст. Во Аргентина Ратин се смета за една од најзначајните личности во историјата на националниот тим.
Одлуката на ФИФА предизвика внимание бидејќи претходно слично барање на Франција не беше прифатено. За време на групната фаза селекторот Дидие Дешан остана без својата мајка, поради што не беше на клупата на натпреварот против Норвешка.
Француските репрезентативци побараа дозвола да носат црни ленти и со минута молк да му оддадат почит на својот селектор, но тоа не им беше дозволено. Наместо тоа, на натпреварот беше оддадена почит на жртвите од разорниот земјотрес во Венецуела, додека помошникот на Дешан, Ги Стефан, положи цвеќе во чест на неговата мајка.

