Германската компанија за производство на оружје Heckler & Koch бележи значителен раст на приходите и рекордна добивка во првата половина од 2026 година.
Компанијата во првите шест месеци остварила приходи од 263,9 милиони евра, што претставува раст од 47,1 отсто во споредба со истиот период минатата година.
Уште поголем е растот на профитот. Добивката се зголемила од 11,8 милиони на 40,8 милиони евра, односно повеќе од трипати.
Heckler & Koch произведува различни видови воено и полициско оружје, меѓу кои автоматски пушки, митралези, пиштоли и фрлачи на гранати.
Меѓу најзначајните клиенти на компанијата се германската армија, но и Франција, Норвешка и балтичките земји. Зголемените издвојувања за одбрана во повеќе европски држави создаваат дополнителна побарувачка за воена опрема.
Вредноста на новите нарачки во првата половина од годината достигнала околу 260 милиони евра. Дополнителен поттик за компанијата дојде во јули, кога германската армија ја зголеми нарачката за јуришни пушки од 120.000 на 250.000 примероци.
Компанијата моментално има повеќе од 1.400 вработени, а планира и проширување на своите производствени капацитети во САД.
Heckler & Koch во периодот од 2020 до 2025 година инвестирала околу 100 милиони евра. До крајот на 2028 година се планирани дополнителни 230 милиони евра инвестиции во нова опрема, модернизација на инфраструктурата и подобрување на производните процеси.
Раководството на компанијата очекува инвестициите во модернизација и проширување на производството да овозможат понатамошен раст во периодот што следува.
Растот на германскиот производител доаѓа во период на значително зголемување на европските трошоци за одбрана, поттикнато пред сè од безбедносната ситуација во Европа по руската инвазија врз Украина.

