HomeМКДШТИПСКО УЧИЛИШТЕ ВОВЕДЕ НОВИ ПРАВИЛА

ШТИПСКО УЧИЛИШТЕ ВОВЕДЕ НОВИ ПРАВИЛА

Повеќе разговор меѓу учениците, помалку време поминато пред екраните и поздрава исхрана – тоа се дел од промените што ги воведе ООУ „Димитар Влахов“ во Штип. Училиштето засега е прво во градот кое воведе забрана за користење мобилни телефони, но и правила со кои се ограничува внесувањето нездрава храна во училиштето.

Одлуката била донесена уште во текот на летото од страна на Советот на родители, а според директорот Дејан Здравков, резултатите веќе се забележливи во секојдневното однесување на учениците.

Тој посочува дека порано учениците при влегување и излегување од училиштето често биле насочени кон своите телефони, додека сега ситуацијата е поинаква. Наместо да гледаат во екраните, тие повеќе разговараат и комуницираат меѓусебно.

Новите правила не се однесуваат само на технологијата. Родителите донеле одлука да се ограничи и носењето нездрава храна во училиштето. За таа цел е избрана пекара со која училиштето има договор, а понудата е креирана според однапред утврдено мени. Во него, покрај другата храна, задолжително има и свежо овошје, прилагодено на сезоната.

Училиштето го посети и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која даде поддршка за ваквиот пристап. Таа посочи дека слични мерки веќе се применуваат и во други училишта во земјата.

Јаневска нагласи дека учениците имаат пристап и до друга технологија што ја обезбедува Министерството за образование, како компјутери, лаптопи и таблети, па мобилниот телефон не мора да биде единственото средство за активности поврзани со интернетот.

Во однос на исхраната, министерката ја истакна важноста учениците да имаат пристап до поквалитетни оброци, посочувајќи го овошјето како важен дел од таквата понуда.

При посетата на Штип, Јаневска ја пушти во употреба и реновираната спортска сала во училиштето. Реконструкцијата е дел од поширока програма за обновување на училишната спортска инфраструктура, во рамки на која се опфатени 30 спортски сали со вкупна инвестиција од околу 10 милиони денари, односно приближно 613.000 евра.

Планот предвидува обновување на уште 30 спортски сали во училишта низ државата, со што треба да се подобрат условите за физичка активност на учениците.

Министерката информираше и дека продолжуваат активностите за реконструкција на седум државни стручни училишни центри со регионално значење. Меѓу првите објекти што ќе бидат опфатени е Државниот училишен центар „Коле Нехтенин“ во Штип.

Покрај училишната инфраструктура, во тек се и активности за реконструкција и подобрување на условите во студентските домови.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО