HomeМКДЃОРЧЕ ПЕТРОВ ДОБИВА НОВИ УЧИЛНИЦИ, ГРАДИНКИ И МЕГА-ПАРК

ЃОРЧЕ ПЕТРОВ ДОБИВА НОВИ УЧИЛНИЦИ, ГРАДИНКИ И МЕГА-ПАРК

Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, најавува продолжување на инвестициите во образованието, инфраструктурата и уредувањето на јавните простори, со цел подобрување на условите за живот на жителите.

Во моментов се градат 22 нови училници во три основни училишта – „Страшо Пинџур“ во Даме Груев, „Јоаким Крчоски“ во Волково и подрачното училиште „Димитар Поп-Георгиев Беровски“ во Хром. Според најавите, со проширувањето на капацитетите се создаваат услови за воведување едносменска настава.

Општината инвестира и во предучилишното образование. Во Дексион и во Стопански Двор се градат нови градинки со капацитет од по 120 деца, а објектот во Стопански Двор ќе добие и централна кујна за потребите на градинките „Росица“.

Меѓу планираните проекти е и поставување фотоволтаични централи со вкупна моќност од 2,2 мегавати на покривите на училиштата. Општината очекува инвестицијата, реализирана преку јавно-приватно партнерство, да донесува најмалку седум милиони денари годишен приход во буџетот. Во соработка со УНОПС, се работи и на модернизација на системите за греење во училиштата и градинките.

Паралелно се продолжува со изградба и реконструкција на улици. Реконструирана е улицата Воин Драшкоци во Хром, каде што се уредуваат тротоари и се решава проблемот со атмосферските води. Нови канализациски мрежи се поставуваат и во руралниот дел на општината, а се работи и на улицата 101 во Волково.

Поддршка е предвидена и за семејствата и младите. Првачињата добиле ранци, училиштен прибор и финансиска помош, додека полуматурантите добиле по 5.000 денари. Општината воведе и поддршка за новороденчиња, ученици со попреченост, а започната е и иницијатива за субвенционирање на возачки испит за младите.

Во плановите за наредниот период се и нови зелени површини, меѓу кои мега-паркот „Македонија“ на кејот на Вардар, во близина на игралиштето „Македонски лавови“, како и нов парк во Волково. Во општината веќе се изградени три фитнес-зони на отворено.

Стојкоски нагласува дека целта е Ѓорче Петров да продолжи да се развива преку подобра инфраструктура, современи образовни услови и повеќе простори за спорт и рекреација. Тој посочува и на напредокот во транспарентноста и добивањето на европската ознака CAF Effective User за квалитет во јавната администрација.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО