HomeГЛОБУСЈАСНА ПОРАКА ОД ЕВРОПСКИОТ ПРАЛАМЕНТ

ЈАСНА ПОРАКА ОД ЕВРОПСКИОТ ПРАЛАМЕНТ

Европскиот парламент испрати јасна порака: Украина и Молдавија напредуваат, Србија мора да ги забрза реформите

Европскиот парламент ја потврди поддршката за продолжување на европската интеграција на Украина и Молдавија, оценувајќи дека двете земји бележат напредок во исполнувањето на реформските обврски. Истовремено, европратениците предупредија дека Србија ќе мора да направи значително поголем исчекор во областа на демократијата, владеењето на правото и усогласувањето со политиките на Европската Унија доколку сака да го забрза пристапниот процес.

Во усвоените извештаи, Европскиот парламент ја поздравува посветеноста на Украина да продолжи со реформите и покрај воените услови во кои се наоѓа земјата. Посебно се издвојуваат чекорите во реформите на судството, борбата против корупцијата и јакнењето на државните институции, но се нагласува дека овие процеси мора да продолжат за Киев успешно да ги исполни критериумите за членство во ЕУ.

Позитивни оценки доби и Молдавија, за која европратениците сметаат дека покажува стабилен напредок во преговарачкиот процес и останува силно посветена на европските реформи и покрај политичките и безбедносните предизвици. Во документот се наведува дека земјата треба да го задржи сегашното темпо на реформи со цел преговорите да бидат привремено затворени до почетокот на 2028 година, а членството во Унијата да стане реалност до крајот на оваа деценија.

За разлика од Украина и Молдавија, извештајот за Србија содржи значително покритички оценки. Европскиот парламент констатира дека пристапниот процес на Белград е забавен поради недоволен напредок во реформите, состојбата со владеењето на правото, борбата против корупцијата и политичката поларизација во земјата. Европратениците повторно побараа Србија целосно да ја усогласи својата надворешна политика со онаа на Европската Унија и да постигне траен договор за нормализација на односите со Косово.

Во Брисел оценуваат дека проширувањето останува еден од најважните стратешки приоритети на Европската Унија, особено поради безбедносната состојба во Европа и руската агресија врз Украина. Според европските институции, интеграцијата на земјите кандидати ќе придонесе за поголема стабилност, економски развој и безбедност на целиот континент.

Иако Европската Унија ја задржува политиката на „отворени врати“, Брисел јасно порачува дека напредокот кон членство ќе зависи исклучиво од исполнувањето на европските стандарди и реформските обврски, а не од политички компромиси. За сите земји кандидати останува принципот дека секоја држава ќе биде оценувана врз основа на сопствените резултати и напредок во реформскиот процес.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО