HomeТРЕНДЏАСТИН ТИМБЕРЛЕЈК ПОДГОТВУВА ДОКУМЕНТАРНА СЕРИЈА

ЏАСТИН ТИМБЕРЛЕЈК ПОДГОТВУВА ДОКУМЕНТАРНА СЕРИЈА

Животот зад сцената, големите музички успеси, љубовните врски и скандалите што со години ја следат неговата кариера ќе бидат дел од новиот документарен проект за Џастин Тимберлејк. Американскиот пејач подготвува серија од четири епизоди за платформата Apple TV, која треба да биде објавена во декември, а во неа, според најавите, ќе се појават и познати личности поврзани со неговото минато.

Посебно внимание привлекува информацијата дека меѓу учесниците ќе биде и Џенет Џексон. Таа би требало да се осврне на контроверзниот настап со Тимберлејк за време на полувремето на Супербоул во 2004 година, кога во завршницата од настапот дојде до инцидентот во кој пејачот ѝ ја откри градата пред милионска телевизиска публика.

Се очекува Тимберлејк да зборува и за други чувствителни моменти од приватниот живот, вклучително и неодамнешните изјави на неговата поранешна партнерка Бритни Спирс.

Режисер на документарната серија е Фишер Стивенс, но засега не се објавени повеќе детали за содржината и останатите учесници. Претставниците на пејачот, Џексон и компанијата „Епл“ засега не дадоа официјални коментари за проектот.

Соработката на Тимберлејк со „Епл“ започна во 2021 година, кога тој ја имаше главната улога во филмот „Palmer“, оригинална продукција на платформата.

Новата серија доаѓа по период во кој пејачот значително го намали присуството во јавноста. По завршувањето на светската турнеја „Forget Tomorrow“ во јули 2025 година, ретко се појавуваше пред публиката, со исклучок на неколку јавни настапи, меѓу кои и гостувањето на концертот на Џеј Зи во Париз.

За време на турнејата, Тимберлејк откри дека му била дијагностицирана лајмска болест, здравствен проблем кој, како што самиот објасни, сериозно влијаел врз неговата секојдневна активност и настапите.

Пејачот тогаш посочи дека се соочувал со силни нервни болки и исцрпеност, поради што одредени концерти му претставувале голем физички и психички предизвик.

„Не го споделувам ова за да предизвикам сожалување, туку за да објаснам низ што поминував зад сцената. Ако сте имале лајмска болест или познавате некого што ја имал, знаете колку може да биде исцрпувачка, и психички и физички“, напиша Тимберлејк.

Неговата кариера во последните години беше проследена и со проблеми надвор од музиката. Во јуни 2024 година беше уапсен во Саг Харбор, во американската сојузна држава Њујорк, откако полицијата го запрела поради сообраќаен прекршок и сомневање за возење под дејство на алкохол. Подоцна призна вина за поблаго сообраќајно дело поврзано со возење под влијание на алкохол.

Документарната серија би можела да понуди нов поглед врз контроверзиите и настаните што ја одбележаа кариерата на Тимберлејк, но и да ги отвори прашањата за неговите односи со некои од најпознатите имиња во светската музичка индустрија.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО