Медицинската помош за повредените во трагедијата во Кочани продолжува и по нивното излегување од болница. Досега, во соработка со специјалисти од израелскиот медицински центар „Шеба“ од Тел Авив, реализирани се 16 хируршки интервенции и 24 специјалистички прегледи, информираше министерот за здравство Сашо Клековски.
На прес-конференција беше посочено дека операциите ги извршиле израелски и македонски медицински тимови, а најголемиот дел од интервенциите биле насочени кон подобрување на функцијата на шаките и рацете кај повредените.
Медицинските зафати опфатиле корекција и отстранување лузни, ослободување на контрактури, примена на методата Z-пластика, како и пресадување кожни трансплантати со полна дебелина.
На настанот присуствуваа д-р Моти Харац, директор на Националниот центар за изгореници при „Шеба“, д-р Јасмина Ѓоргиевска Павловска, директорка на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Катерина Мирчовска, директорка на Општата болница во Кочани, како и д-р Гордана Георгиева од работната група при Министерството за здравство.
Клековски нагласи дека институционалната поддршка за повредените нема да запре со завршувањето на болничкото лекување, туку ќе продолжи преку дополнителни операции, редовни медицински контроли и рехабилитација.
Тој им се заблагодари на израелските медицински експерти за соработката и помошта во лекувањето на повредените, посочувајќи дека нивната грижа останува долгорочен приоритет.

