Еден од најтешките случаи на злоупотреба на религијата за контрола и манипулација со луѓе во Кенија доби судска разрешница. Водачот на верскиот култ Пол Мекензи е осуден на 200 години затвор поради смртта на 191 лице, од кои дури 190 биле деца. Жртвите починале од глад и последици од систематско малтретирање во изолирана шума во источниот дел на земјата.
Мекензи, основач на црквата „Гуд њуз интернешнл“, ја доби казната во петокот пред Високиот суд во Момбаса, заедно со повеќе од 20 сообвинети. Пресудата предвидува 100 години затвор за смртните случаи предизвикани со изгладнување и дополнителни 100 години за жртвите кои биле убиени со директно насилство.
Судскиот процес откри како Мекензи ги убедувал своите следбеници да ги напуштат домовите и да се преселат во шумата Шакахола, каде што им ветувал дека преку постење ќе се приближат до Бога и ќе го заслужат влезот во рајот.
Неговите проповеди биле исполнети со апокалиптични пораки и предвидувања за крајот на светот. Според извештај на кенискиот Сенат, тој тврдел дека светот ќе заврши во август 2023 година, а следбениците ги повикувал да престанат да јадат за да го дочекаат Исус.
Особено вознемирувачки се деталите за начинот на кој бил организиран овој смртоносен ритуал. Според планот што им бил наметнат на членовите, најпрво требало да умрат децата, потоа младите и жените, додека мажите требало да останат живи за да ги погребаат телата пред и самите да починат.
Судот утврдил дека религиозните учења биле користени како средство за присилна контрола. Членовите на култот биле надгледувани од стражари, кои го ограничувале нивното движење и не им дозволувале да ја напуштат шумата. Оние што се спротивставувале биле физички казнувани и принудувани на послушност.
Децата биле особено изложени на насилство. Според судските докази, биле врзувани, оставани без храна и казнувани доколку се обиделе да јадат или да избегаат од местото.
Мекензи и минатиот месец беше прогласен за виновен за убиство. Судијката Дајана Каведза во образложението посочила дека тој преку проповеди и пишани материјали ги убедувал следбениците дека надворешниот свет е злобен и дека спасението може да се најде единствено во изолацијата во шумата Шакахола.
Меѓу клучните докази биле и содржините од неговиот мобилен телефон, како и разговорите на апликацијата WhatsApp. Тие покажале дека Мекензи бил во постојан контакт со следбениците и пред нивното преселување во шумата, како и дека директно влијаел врз нивните постапки.
Случајот ја потресе Кенија и повторно го отвори прашањето за надзорот над верските организации и заштитата на луѓето од манипулација и злоупотреба под изговор на религиозни убедувања.

