HomeМКДПРЕСРЕТНУВАЧИ ЌЕ КАЗНУВААТ СТРАНЦИ

ПРЕСРЕТНУВАЧИ ЌЕ КАЗНУВААТ СТРАНЦИ

Македонскиот систем за автоматско следење на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ во следниот период ќе започне да ги опфаќа и возилата со странски регистарски таблички што транзитираат низ државата, но целосната примена на казните за нив ќе стартува по техничко доусовршување на системот.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во меѓувреме контролата на патиштата останува засилена, особено на главните сообраќајни правци коридорите 8 и 10, каде полициските екипи во движење продолжуваат да ги санкционираат возачите кои не ги почитуваат правилата.

Како што наведуваат од МВР, таканаречените полициски „пресретнувачи“ се постојано активни на терен и имаат задача да реагираат на прекршоци, особено на оние поврзани со брзо возење и ризично однесување во сообраќајот.

Министерот за внатрешни работи претходно посочи дека системот веќе функционира и успешно регистрира прекршоци, а во следна фаза се очекува негово проширување со можност за автоматско доставување казни и до возачи со странски возила кои минуваат низ земјата.

Тој апелираше до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно и да ги почитуваат ограничувањата на брзината, истакнувајќи дека главната цел на системот е зголемување на безбедноста, а не зголемување на бројот на казни.

Според податоците од МВР, во периодот од февруари до јуни годинава е забележано намалување од околу 40 проценти на бројот на загинати во сообраќајни несреќи во однос на истиот период лани. Во истиот временски период се евидентирани над 130.000 прекршоци, при што најголем дел од нив се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина.

Од Министерството порачуваат дека системот ќе продолжи да се развива и да се проширува на целата територија на државата со цел да се намалат сообраќајните несреќи и да се зголеми безбедноста на патиштата.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО