Додека интересот за програмите за т.н. „златни визи“ продолжува да расте ширум светот, сè повеќе европски држави ги заоструваат условите за добивање државјанство.
Златната виза им овозможува на странските инвеститори да добијат дозвола за престој преку вложување во економијата на одредена држава, а во некои случаи и можност подоцна да аплицираат за државјанство. Сепак, Европската Унија во последните години инсистира на построги правила, сметајќи дека европското државјанство не смее да биде предмет на продажба.
Неколку европски земји веќе воведоа нови ограничувања. Португалија го продолжи потребниот период на престој за добивање државјанство од пет на десет години, Финска го зголеми на осум години, додека Норвешка и Шведска подготвуваат слични измени со кои ќе се бара подолг престој, подобра интеграција и исполнување дополнителни услови.
Во исто време, дел од државите надвор од Европа воведуваат нови програми за привлекување странски инвеститори преку златни визи, со цел да го поттикнат економскиот развој.
Експертите оценуваат дека европските влади се обидуваат да најдат рамнотежа меѓу привлекувањето странски капитал и заштитата на националните интереси, безбедноста и транспарентноста на финансискиот систем.

