Коалицијата ВЛЕН соопшти дека по изгласаната реконструкција на Владата во Собранието влегува во нов период на политичко дејствување, со проширена одговорност и шест министерски позиции во извршната власт.
Според партијата, новите кадровски решенија се насочени кон поефикасно функционирање на институциите и продолжување на реформските процеси. За министер за правда е избран професорот Јетон Шасивари, Министерството за односи меѓу заедниците ќе го предводи Агон Ферати, а Седат Сулејмани ќе раководи со Министерството за култура и туризам.
Со овие промени, ВЛЕН покрај новите ресори, останува одговорен и за министерствата за економија, животна средина и европски прашања, со што вкупниот број на ресори што ги води коалицијата се зголемува на шест.
Од коалицијата оценуваат дека реконструкцијата не треба да се гледа само како кадровска промена, туку како можност за засилување на работата на институциите и подобрување на јавните услуги. Велат дека во наредниот период акцентот ќе биде ставен на отчетноста, професионалноста и исполнувањето на преземените обврски.
Во нивната реакција се посочува дека успешноста на новите министри ќе се мери преку конкретни резултати, реализација на реформските политики и подобрување на функционирањето на институциите.
Од ВЛЕН порачуваат дека остануваат посветени на спроведување на програмските приоритети и најавуваат продолжување на активностите насочени кон унапредување на државната администрација, заштита на јавниот интерес и обезбедување поефикасни услуги за граѓаните.

