Новак Ѓоковиќ се врати на тениските терени по речиси еден месец пауза и во Синсинати го започна завршниот дел од подготовките за Ју-Ес Опен. Српскиот тенисер пред враќањето истакна дека по подолг период конечно се чувствува целосно здрав, поради што со голема мотивација влегува на турнирот.
По настапот на Вимблдон, Ѓоковиќ одлучи да направи пауза, но, како што вели, неговото тело овојпат одлично реагирало на напорите од гренд слемот во Лондон.
„Искрено, сакав да одиграм барем еден турнир пред Ју-Ес Опен, бидејќи не играв од Вимблдон. Моето тело навистина добро реагираше по Вимблдон. Искрено, по некој гренд слем не сум се чувствувал вака добро во последните две години“, изјави Ѓоковиќ.
За разлика од претходните сезони, кога по гренд слем турнирите често имаше проблеми со повреди, овојпат српскиот тенисер немал такви тешкотии. Токму затоа сакал што побрзо да се врати во натпреварувачки ритам и да ја провери формата пред последниот гренд слем во сезоната.
„Овојпат бев здрав и навистина сакав да играм. Ми недостигаше натпреварувањето и, еве ме тука“, додаде Ѓоковиќ.
Синсинати има и посебно емотивно значење за српскиот тенисер. На овој турнир последен пат настапи пред три години, кога ја освои титулата по едно од највозбудливите финалиња во неговата кариера, против Карлос Алкараз.
„Неверојатен и возбудлив ролеркостер, како возење во забавен парк“, се присети Ѓоковиќ на финалето кое траеше речиси четири часа.
Дуелот беше неизвесен до самиот крај, а двајцата тенисери имаа свои шанси за победа. Ѓоковиќ во завршницата успеа да остане смирен и да го освои трофејот.
„Навистина можеше да победи кој било. Имав меч-топки, а потоа сè се врати во тај-брејк. Беше многу нервозно, но двајцата дадовме сè од себе“, рече Ѓоковиќ.
Сега пред него е нов предизвик во Синсинати, каде што ќе се обиде преку неколку квалитетни натпревари да го фати вистинскиот ритам пред заминувањето во Њујорк.
Ѓоковиќ е слободен во првото коло на мастерсот во Синсинати, а во второто коло ќе игра против Аргентинецот Тијаго Агустин Тиранте.

