HomeГЛОБУСШПАНИЈА ЌЕ ПРЕМЕСТИ 500 ДЕЦА МИГРАНТИ ОД СЕУТА НА КОПНОТО

ШПАНИЈА ЌЕ ПРЕМЕСТИ 500 ДЕЦА МИГРАНТИ ОД СЕУТА НА КОПНОТО

Шпанската влада направи пресврт во својата политика кон малолетниците мигранти без придружба и одобри план за итно преместување на околу 500 деца од северноафриканската енклава Сеута на копнениот дел од земјата.

Одлуката доаѓа по зголемениот притисок врз локалните власти, кои веќе подолго време се соочуваат со проблемот на голем број малолетници кои остануваат без соодветно сместување и грижа.

Само неколку дена претходно, шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка порача дека лицата кои нелегално ќе влезат во Сеута или Мелиља ќе бидат вратени во Мароко. Сепак, новата одлука покажува дека кога станува збор за малолетници без придружба, владата сега се определила за поинаков пристап.

Според планот, за најранливите деца, особено за девојчињата, ќе се грижат невладини организации и специјализирани агенции за заштита на деца. На тој начин владата сака да избегне дополнителни политички конфликти со регионите кои не сакаат да прифатат нови мигрантски квоти.

Прашањето е особено чувствително во регионите каде што властите ги делат конзервативната Народна партија и десничарскиот Вокс. Тие се спротивставуваат на распределбата на малолетниците и бараат децата да бидат вратени во земјите од кои потекнуваат.

Во меѓувреме, Европската комисија испрати порака дека според европските правила, нерегуларните мигранти кои се наоѓаат во Сеута треба да бидат вратени во Мароко, вклучително и малолетниците без придружба.

Од Народната партија ја критикуваа владината одлука. Од таму порачаа дека најдоброто решение за децата е да бидат повторно со своите семејства.

Дополнителна правна неизвесност создава фактот што новиот европски Пакт за миграција и азил сè уште не е целосно имплементиран во шпанското законодавство. Поради тоа, во моментов сè уште се применуваат националните правила за заштита на малолетниците без придружба.

Според податоците на шпанското Министерство за инклузија и миграции, во март годинава под државна грижа имало повеќе од 21.000 млади лица на возраст од 16 до 23 години. Околу 3.500 од нив биле помлади од 17 години, а приближно половина потекнуваат од Мароко.

Случајот со Сеута повторно го отвора прашањето за тоа како Шпанија и Европската унија ќе ја усогласат миграциската политика со обврската за заштита на малолетниците без придружба.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО