Домашните компании од преработувачкиот сектор добиваат нова можност за финансиска поддршка преку два јавни повици што ги објави Министерството за економија и труд. За мерките се предвидени вкупно 7 милиони денари, со цел да се поттикне развојот и поголемата конкурентност на македонските компании.
Поддршката е насочена кон две области кои се сметаат за важни за модернизацијата на индустријата. Едната мерка предвидува поттикнување на соработката меѓу компаниите и високообразовните институции преку реализација на заеднички проекти.
Втората мерка е поврзана со воведување, примена и сертификација на стандарди, како и со развивање практики поврзани со општествената одговорност на компаниите.
ФОКУС НА ИНОВАЦИИ, ЗНАЕЊЕ И НОВИ ТЕХНОЛОГИИ
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши посочи дека државната финансиска поддршка треба да биде насочена кон мерки што можат да создадат долгорочни ефекти за компаниите и целокупната економија.
Според него, со двата повици се отвора можност за дополнително унапредување на домашната преработувачка индустрија преку вложување во знаење, иновации и нови технологии, но и преку примена на современи стандарди.
Целта е домашните компании да ги подобрат своите производствени и деловни капацитети и да станат поконкурентни на странските пазари.
Посебен акцент е ставен и на создавањето услови компаниите подобро да се подготват за настап на европскиот и светскиот пазар, преку усогласување со стандарди и практики кои се важни за меѓународната конкурентност.
Со овие мерки институциите очекуваат да се поттикне поголемо поврзување на бизнис-секторот со академската заедница, но и да се зголеми примената на современи стандарди и одговорни деловни практики во домашните компании.

