Недостигот на медицински кадар, особено во болниците надвор од Скопје, треба да се ублажи со ново вработување на 300 приватни специјализанти во јавните здравствени установи.
Владата на крајот на јули донесе одлука со која се отвора можност овие лекари да бидат вработени до крајот на 2026 година. Министерството за здравство најави дека приоритет ќе имаат општите и клиничките болници надвор од Скопје, како и специјализациите за кои во моментот има најголем недостиг.
Министерот за здравство Сашо Клековски претходно посочи дека меѓу дефицитарните кадри се анестезиолозите, радиолозите и патолозите, а недостигот на овие специјалисти не може брзо да се надомести бидејќи нивната едукација трае повеќе години.
Од Министерството неодамна ги повикаа специјализантите по медицина да го пријават интересот за вработување во јавните здравствени установи. Целта е младите лекари да останат во домашниот здравствен систем и да се подобри достапноста на специјалисти за пациентите, особено во регионите каде што има најголем недостаток на кадар.

