Во Киев утрово дошло до вооружен инцидент меѓу припадници на две украински безбедносни служби – Службата за безбедност на Украина (СБУ) и Воената разузнавачка служба (ГУР).
Инцидентот се случил во Днипровскиот округ, каде што полицијата ја блокирала улицата Јуриј Шумски и го пренасочила јавниот превоз. Според првичните информации, во престрелката биле повредени најмалку тројца припадници на ГУР.
Од СБУ потврдиле дека нивни припадници употребиле оружје. Тие тврдат дека спроведувале истражни дејствија поврзани со случај за наводно планиран терористички напад од страна на руската служба ФСБ.
Според верзијата на СБУ, нивниот тим бил нападнат од вооружена група за време на претрес. На местото пристигнала специјалната единица „Алфа“, по што неколку лица биле ранети и приведени. Подоцна било утврдено дека тие се припадници на ГУР.
Украинските медиуми инцидентот го поврзуваат и со исчезнувањето на Степан Каплунов, заменик-командант на Рускиот доброволечки корпус, кој се бори на украинска страна.
Украинското Државно истражно биро започна истрага за случајот. Поранешниот шеф на ГУР, Кирило Буданов, порача дека инцидентот мора да биде целосно и непристрасно истражен.
Од кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски соопштија дека е побарано раководствата на безбедносните служби итно да ги разјаснат околностите и да ја информираат јавноста.

