Македонија испрати полициски хеликоптер во Косово за да помогне во гаснењето на големиот пожар што го зафати подрачјето околу Хани и Елезит. Интервенцијата следува по официјално барање за помош од косовските власти.
Ова е првпат македонски државни капацитети да бидат ангажирани надвор од земјата во рамки на меѓудржавна помош за справување со пожар.
Хеликоптерот на Министерството за внатрешни работи дејствува од воздух и им дава поддршка на екипите кои се на терен и се обидуваат да го стават огнот под контрола.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека по добиеното барање биле активирани надлежните институции и координирани сите потребни активности за што побрзо упатување на помошта.
Ангажирањето на македонскиот хеликоптер претставува значаен чекор во регионалната соработка и покажува дека државите од регионот можат меѓусебно да ги стават на располагање своите ресурси кога се соочуваат со сериозни природни непогоди.
Очекувањата се македонскиот хеликоптер да продолжи со интервенциите сè додека има потреба од воздушна поддршка во борбата со пожарот.

