HomeМКДПРОДОЛЖИ СУДЕЊЕТО ЗА ЃОКО РИСТОВ

ПРОДОЛЖИ СУДЕЊЕТО ЗА ЃОКО РИСТОВ

На продолжението на судскиот процес против судијата Ѓоко Ристов беа разгледувани финансиските податоци за него и неговото семејство, како и дел од комуникациите пронајдени во неговиот телефон.

Финансискиот вештак ангажиран од Обвинителството направил анализа на приходите, банкарските приливи и исплатите на Ристов и членовите на неговото семејство за периодот од 2016 до 2024 година. Според презентираните податоци, неговите просечни месечни примања се зголемувале низ годините – од околу 60.000 денари во 2016 година, до приближно 115.000-120.000 денари во 2024 година.

Анализирани биле и приходите на неговата сопруга, кои исто така бележеле раст во наведениот период.

Обвинителството смета дека финансиската анализа е важна за утврдување дали пријавените приходи можат да го оправдаат имотот и средствата со кои располагал обвинетиот и неговото семејство.

На рочиштето биле презентирани и пораки и контакти од телефонот на Ристов, меѓу кои и комуникации со лица кои се појавуваат во други истраги или судски постапки.

Одбраната реагираше на ваквиот начин на презентирање на доказите, оценувајќи дека самото постоење на одреден контакт во телефон не е доволно за да се докаже каква било поврзаност со кривично дело. Адвокатот Звонко Давидовиќ побарал за ваквите тврдења да постојат конкретни докази.

Одбраната имала забелешки и на финансиското вештачење, посочувајќи дека не биле направени дополнителни проверки директно во банките за дел од податоците доставени до вештакот.

Ристов се товари за прикривање имот и перење пари. Во рамки на истрагата претходно биле пронајдени 350.000 евра сокриени во ѕид во куќата на неговите родители.

Предметот е дел од поширока истрага поврзана со наводи за поткуп на судија во Апелациониот суд, во која се споменуваат и други лица. Судскиот процес продолжува со изведување на предложените докази.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО