Детали од полицискиот претрес во семејниот дом на судијата Ѓоко Ристов повторно беа во центарот на судскиот процес, откако пред судот сведочеше човек кој бил присутен кога истражителите ги пребарувале просториите. На рочиштето беа изнесени и спротивставени тврдења околу мобилен телефон за кој обвинителството смета дека е важен за предметот.
Александар Варела од Гевгелија, кој го познава семејството Ристови, раскажуваше што видел за време на претресот во куќата на родителите на обвинетиот во јануари годинава.
Според неговото сведочење, службените лица детално ги проверувале просториите во куќата. Пребарувале низ различни делови од објектот, меѓу кои и буриња со вино и ракија, печката за ракија, резервни гуми, дрва и покривот.
Особено внимание, според Варела, било посветено на плочките во кујната. Истражителите ги проверувале со уреди и удирале по нив за да утврдат дали зад нив има скриен простор. Откако биле извадени дел од плочките, се појавил отвор во ѕидот.
Варела пред судот опиша дека службеник прашал што се наоѓа во отворот, по што Здравко Ристов, таткото на обвинетиот, кажал дека таму има пари. По неговото оддалечување, истражителите продолжиле со вадење на средствата, кои биле спакувани во фолии.
Според сведокот, Здравко Ристов бил смирен и објаснил дека не сакал неговите деца да дознаат дека има скриено пари. Варела, сепак, изразил забелешки за начинот на кој биле третирани пронајдените банкноти. Тој кажал дека видел како на еден од истражителите му се скинала ракавицата и дека имал рана на раката. Одбраната на Ристов токму овој момент го посочува како можен проблем со контаминација на доказите.
На истото рочиште сведочеше и Лазе Бонев, сопственик на мобилара и специјалист за сајбер-безбедност, кој е вработен и во МВР. Тој пред судот не потврдил дека Ристов во декември 2025 година му донел оштетен мобилен телефон.
Бонев кажал дека на 3 декември бил единствениот што работел во мобиларата и дека во неговата евиденција нема телефон оставен од Ристов. Тој негирал и дека лично го познава обвинетиот или дека претходно го видел неговиот телефон.
Ристов, пак, дал поинаков опис на настанот. Тој тврдеше дека вечерта на 3 декември влегол во мобиларата со црн оштетен телефон и дека Бонев го презел уредот, по што му кажал дека од него не можат да се извлечат податоци. Сведокот не го потврдил ваквото тврдење.
Обвинителството на рочиштето приложило и дополнителна документација поврзана со предмети за Марјан Стоевски и Фехми Стафа, во кои постапувал Ристов. Според обвинителката Искра Хаџивасилева, овие материјали треба да помогнат во оценувањето на постапувањето на обвинетиот во конкретните предмети.
Ристов е обвинет за противправно стекнување и прикривање имот, како и за перење пари и други приноси од казниво дело. Во претресот на семејниот дом биле пронајдени околу 350.000 евра, сокриени во заѕидан простор во ѕидот на кујната.
Пронајдените пари биле поделени во 13 пакувања и содржеле 610 банкноти од по 500 евра и 225 банкноти од по 200 евра. Дел од банкнотите имале и рачно испишани износи.

