Винисиус Жуниор минува низ тежок период во дресот на Реал Мадрид, а последниот мадридски дерби натпревар против Атлетико дополнително ги засили сомнежите околу неговата моментална форма.
Според шпанскиот весник „АС“, бразилскиот напаѓач е свесен дека моментално е далеку од нивото на кое навивачите на Реал се навикнати да го гледаат. По поразот од Атлетико со 2:1, неговата ситуација стана уште потешка, особено поради слабата индивидуална партија и раната замена.
Винисиус го напушти теренот во 54. минута, во момент кога Реал имаше негатива од 1:0 и играше со фудбалер помалку. Според „АС“, ова дополнително влијаело врз расположението на Бразилецот, кој бил разочаран и од сопствениот настап и од фактот што тренерот Жозе Мурињо решил да го повлече од игра.
Мадридскиот весник наведува дека Винисиус самиот е свесен оти неговите последни настапи не се на нивото што го прикажуваше во најдобрите периоди од кариерата. Тој и претходно јавно признаваше дека мора да биде подобар, а по натпреварот со Елче на социјалните мрежи напиша дека не смее да промашува толку многу и дека мора да работи на својата игра.
Во актуелната ситуација, според „АС“, проблемот не е поврзан со претходните несогласувања со тренерот Чаби Алонсо. Овојпат фокусот е на самиот фудбалер и неговата форма, а Винисиус наводно е свесен дека само со подобри настапи може да ја промени ситуацијата.
Мурињо и понатаму има доверба во бразилскиот напаѓач и го смета за важен дел од тимот, но неговото место во стартниот состав повеќе не се подразбира. Одлуката да биде заменет во дербито е сигнал дека тренерот очекува реакција и поголем придонес на теренот.
Дополнителен фактор во периодот зад Винисиус беа и долгите шпекулации околу неговата иднина. Преговорите со Реал Мадрид траеја подолг период, а во медиумите се појавуваа информации за интерес од други европски клубови, меѓу кои и Арсенал.
Неизвесноста околу неговиот статус, сепак, заврши во август, кога Реал Мадрид официјално потврди дека Винисиус го продолжил договорот со клубот до 30 јуни 2032 година.
Бразилецот досега има забележано 375 настапи и 128 голови за Реал Мадрид, со кој освои 14 трофеи. Сега, според „АС“, неговиот главен предизвик е повторно да ја пронајде формата со која се наметна како еден од најважните играчи на мадридскиот гигант.

