HomeГЛОБУССТРАШНИ ПОПЛАВИ ВО ШПАНИЈА

СТРАШНИ ПОПЛАВИ ВО ШПАНИЈА

Страшно невреме ја погоди шпанската општина Мадригерас, во покраината Албасете, каде поројните дождови за кратко време предизвикаа огромни поплави и сериозна материјална штета. Во природната катастрофа животот го загубила 100-годишна жена, откако надојдената вода навлегла во нејзиниот семеен дом.

Несреќната жена во моментот на поплавата се наоѓала во куќата, но не успеала навреме да се евакуира на безбедно место. Нејзината смрт ја потврдиле регионалните власти на Кастилја-Ла Манча.

Невремето започнало во петокот околу 18:15 часот, кога подрачјето било погодено од исклучително силен пороен дожд. За само околу два часа наврнале повеќе од 140 литри дожд на квадратен метар.

Ситуацијата дополнително се влошила кога големи количества вода почнале да се слеваат од околните долови и падини кон населеното место. За многу кратко време улиците биле претворени во реки, а надојдените води почнале да навлегуваат и во домовите.

Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат колку била силна буицата, со вода и кал што се движеле низ улиците и носеле различни предмети со себе.

Регионалните власти веднаш го активирале првиот степен на предупредување од специјалниот план за заштита од поплави. На терен биле испратени пожарникари, спасувачки екипи и други итни служби, кои во текот на целата ноќ им помагале на жителите и ги отстранувале наносите од улиците и објектите.

Поројните дождови предизвикале проблеми и во други делови на Шпанија, поради што надлежните служби ги повикале граѓаните да бидат внимателни и да ги следат официјалните предупредувања.

За трагедијата се огласи и шпанскиот премиер Педро Санчез, кој изрази сочувство до семејството на починатата жена и предупреди дека обилните врнежи предизвикале сериозна штета на повеќе места во земјата.

Спасувачките екипи продолжија со расчистување на последиците, додека надлежните служби проценуваат колкав е вкупниот обем на материјалната штета предизвикана од поплавите.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО