HomeГЛОБУСРУСИЈА ГИ НАПАЃА МОСТОВИТЕ ВО КИЕВ ПРЕД ЗИМАТА

РУСИЈА ГИ НАПАЃА МОСТОВИТЕ ВО КИЕВ ПРЕД ЗИМАТА

Киев повторно се соочи со серија руски воздушни напади, но овојпат целите се насочени кон инфраструктурата што го одржува нормалното функционирање на украинската престолнина. По повеќекратните напади врз Јужниот мост, во саботата мета бил и Северниот мост, потврди градоначалникот Виталиј Кличко.

Поради нападот, сообраќајот меѓу левиот и десниот брег на Днепар бил привремено прекинат, што предизвикало дополнителни проблеми во градот.

Мостовите над Днепар се меѓу најважните транспортни врски во Киев. Јужниот мост, на пример, освен патен сообраќај, поврзан е и со метро-системот, како и со дел од енергетската и гасната инфраструктура. Токму затоа и релативно ограничено оштетување може да предизвика сериозни последици врз функционирањето на градот.

Украински експерти за „Kyiv Post“ оценуваат дека целта на ваквите напади не мора да биде целосно уривање на мостовите. Според нив, многу поголем ефект може да се постигне со привремено прекинување на сообраќајот, нарушување на логистиката и создавање дополнителен притисок врз жителите.

Во еден од претходните напади врз Јужниот мост, дрон експлодирал во момент кога преку мостот минувал метро-воз. Ударниот бран стигнал и до вагоните, но посериозна трагедија била избегната благодарение на реакцијата на машиновозачот. И покрај тоа, биле предизвикани оштетувања на коловозот и инфраструктурните инсталации, поради што сообраќајот бил прекинуван и пренасочуван.

Експертот и поранешен инженер на „Антонов“, Константин Криволап, за „Kyiv Post“ оценил дека целосното уништување на огромен мост со релативно мала боева глава е малку веројатно. Според него, многу пореална цел е привремено нарушување на транспортните врски и создавање логистички проблеми.

Временската рамка на нападите исто така привлече внимание. Киев неодамна соопшти дека преку разузнавачки информации дошол до сознанија за руските планови за нови зимски напади врз критичната инфраструктура.

Украинскиот министер за енергетика Денис Шмихал изјавил дека документите содржат проценки за потребното оружје за напади врз електроцентрали, системи за греење, водоснабдување и канализација, како и врски што овозможуваат увоз на електрична енергија од Европа.

Украина во меѓувреме поставила повеќе од 200 заштитни конструкции околу енергетски објекти, додека последните напади покажуваат дека инфраструктурните цели се пошироки од самите енергетски капацитети.

Во истиот период, сериозен инцидент се случил и во едно киевско училиште. Руски дрон „Геран-4“ удрил во зградата на училиштето број 12 во областа Соломјански, додека во објектот имало повеќе од 100 ученици и околу 60 наставници.

Поголема трагедија била избегната бидејќи учениците и персоналот во тој момент биле во засолниште. Подоцна било утврдено дека боева глава тешка околу 50 килограми пробила дел од конструкцијата и завршила на скалиштето без да експлодира. Експлозивната направа подоцна била отстранета од пиротехничари.

Според податоците што ги објавија украинските власти, од почетокот на руската инвазија во Киев биле оштетени стотици образовни установи.

Нападите се случуваат и во период кога Украина продолжува да развива сопствени оружени системи со поголем дострел. Киев неодамна објави дека во борбени услови ја употребил тактичката балистичка ракета FP-7, систем со пријавен дострел од околу 200 до 250 километри, развиен од украинската компанија „Fire Point“.

Украинските власти развојот на домашното вооружување го претставуваат како начин за намалување на зависноста од западните системи со долг дострел.

Во пресрет на зимата, серијата напади врз транспортната и цивилната инфраструктура повторно го става Киев пред сериозен предизвик. Дали станува збор за нова координирана руска стратегија или за серија одделни операции ќе треба дополнително да покаже развојот на ситуацијата и истрагите на украинските власти.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО