Под денешните улици и булевари на Скопје се кријат траги од цивилизации кои го обликувале градот низ милениумите. Богатото археолошко наследство е потсетник дека главниот град има историја стара речиси осум милениуми.
Претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитровски, посочува дека локалитетите во градот сведочат за неговото значење низ различни историски епохи.
Меѓу најпознатите е Тумба Маџари, неолитска населба стара околу 8.000 години, од каде потекнува и теракотната фигура на Големата Мајка, еден од најпрепознатливите археолошки симболи во земјата.
Значаен дел од минатото на Скопје е и античкиот град Скупи, кој имал театар, бањи, базилики и уредени улици. По разорниот земјотрес во 518 година, населбата била уништена, а животот постепено се преселил кон ридот на кој денес се наоѓа Скопското Кале.
Археолошките наоди покажуваат дека просторот на Калето бил населен уште пред околу 6.000 години. Таму се откриени предмети од секојдневниот живот, монети, накит и остатоци од градби што потекнуваат од различни периоди.
Димитровски смета дека ова наследство треба да добие соодветно место во идниот развој на градот, особено Скопското Кале, кое според него заслужува поголема грижа и содржини што ќе ја истакнат неговата историска вредност.
„Скопје – од културна пустелија до културна престолнина“, порачува Димитровски, поврзувајќи ја оваа визија со амбицијата главниот град да стане Европска престолнина на културата.

