HomeМКДЃОРЃИЕВСКИ МУ ЧЕСТИТА НА РАДИЧЕВСКИ ЗА РЕЗУЛТАТОТ ВО БРВЕНИЦА

ЃОРЃИЕВСКИ МУ ЧЕСТИТА НА РАДИЧЕВСКИ ЗА РЕЗУЛТАТОТ ВО БРВЕНИЦА

Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски го поздрави изборниот резултат на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Стојанчо Радичевски, кој освои најмногу гласови на предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница. Во објава на Фејсбук, Ѓорѓиевски му упати честитки и порача дека партијата продолжува со активности во пресрет на вториот круг.

Тој оцени дека поддршката што ја добил Радичевски носи и одговорност, нагласувајќи дека довербата на граѓаните треба да се оправда преку конкретни резултати и посветена работа. Ѓорѓиевски им честиташе и на жителите на Брвеница за изборот што го направиле.

„ВМРО-ДПМНЕ е убедливо на врвот, со народот и за народот! Продолжуваме силно, за уште поголема победа во втор круг. Довербата ја оправдуваме со дела“, напиша Ѓорѓиевски.

Според обработените резултати од сите 24 избирачки места, Радичевски освоил 2.943 гласа, односно 38,90 проценти од гласовите.

На второто место е Аркин Јахиј од Националната алијанса за интеграција (НАИ), со 2.152 гласа или 28,45 проценти. Јакуп Хусеини, кандидат на коалицијата ВЛЕН, освоил 1.528 гласа, што претставува 20,20 проценти од гласовите.

Кандидатот на СДСМ, Јовица Радески, добил поддршка од 706 гласачи, односно 9,33 проценти. Независните кандидати Душан Богдановски и Арифе Идризи освоиле 55, односно 21 глас, што е 0,73 и 0,28 проценти.

На изборите во Брвеница биле евидентирани 16.256 избирачи, а на гласање излегле 7.565 граѓани. Според објавените податоци, обработени се резултатите од сите 24 избирачки места.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО