По долгогодишно отсуство од говорните улоги, Апу Нахасапимапетилон повторно проговори во анимираната серија „Симпсонови“, но овојпат со нов глас. Во епизодата емитувана на 18 октомври, ликот на сопственикот на продавницата „Квик-Е-Март“ го озвучува актерот Сунил Малхотра, кој ја презема улогата од Хенк Азарија.
Промената доаѓа по долгогодишните критики за начинот на кој беше претставуван Апу, лик со индиско потекло. Дебатата особено се засили во 2017 година по објавувањето на документарецот „The Problem with Apu“, кој го отвори прашањето за стереотипите во американската телевизиска продукција и нивното влијание врз луѓето со јужноазиско потекло.
Азуарија, кој со години му го позајмуваше гласот на Апу, одлучи да се повлече од улогата, по што ликот практично остана без значајни говорни настапи во серијата.
Во новата епизода, со тема поврзана со Ноќта на вештерките, Апу првично се појавува маскиран како мистериозен убиец. На крајот го открива својот идентитет и извикува „Јас сум Апу!“, во сцена што се осврнува и на долгото отсуство на ликот од разговорите во Спрингфилд.
Малхотра, познат по ангажманите во сериите „Grey’s Anatomy“, „The Legend of Vox Machina“ и „The Legend of Korra“, призна дека првично имал сериозни дилеми дали да ја прифати понудата. Се плашел дека повторно би можел да учествува во претставување на лик што ги зацврстува стереотипите за една заедница.
Сепак, по разговорите со извршниот продуцент Мет Селман и продуцентот Сезар Мазариегос, решил да ја разгледа можноста Апу да добие поинаков третман. Негова цел била ликот да се врати на начин што ќе ја земе предвид критиката од минатото и ќе му овозможи понатамошен развој.
„Лажев кога би рекол дека не ми беше посебно задоволство од сè гласно да извикам: ‘ЈАС СУМ АПУ!’“, изјави Малхотра, објаснувајќи дека сцената ја повторувале во студиото додека не го постигнале посакуваниот ефект.
Продуцентот Селман изрази задоволство од досегашната работа на новиот глас и најави дека приказната на Апу ќе продолжи да се развива. Промена има и кај неговата сопруга Манџула, чиј глас сега го позајмува актерката Џанина Гаванкар.
Хенк Азарија и понатаму останува дел од актерската екипа на „Симпсонови“, каде што ги озвучува ликовите како Мо и шефот на полицијата Вигам.
Враќањето на Апу отвора ново поглавје за еден од препознатливите споредни ликови во серијата, но и повторно го актуализира прашањето како долгогодишните телевизиски продукции можат да ги преиспитаат старите стереотипи и да им дадат поинаква димензија на своите ликови.

