Светското фудбалско првенство во САД, Мексико и Канада ѝ донесе на ФИФА рекордни приходи од продажбата на билети и угостителските услуги. Според податоците што ги објави „Тајмс“, заработката од овие две ставки достигнала околу пет милијарди долари, што е речиси петпати повеќе отколку на претходниот Мундијал во Катар во 2022 година.
ФИФА засега не ја потврдува официјално оваа сума. Од организацијата најавиле дека точните податоци ќе бидат објавени во следниот годишен финансиски извештај, по завршувањето на потребните ревизии.
За споредба, на Светското првенство во Катар, каде што се одиграа 64 натпревари, приходите од билетите изнесувале 929 милиони долари. На турнирот во Северна Америка се одиграа 104 натпревари, а приходите од билетите и угостителските услуги достигнале околу пет милијарди долари.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, претходно изјави дека вкупните приходи од овогодинешното првенство достигнале 15 милијарди долари, односно две милијарди повеќе од првичните очекувања.
Сепак, огромната заработка беше проследена со сериозни критики за цените на влезниците. ФИФА за овој турнир воведе динамично формирање на цените, што значи дека износите се менуваат во зависност од побарувачката. Дополнително, организацијата наплаќа провизија од 30 проценти при препродажба на билетите.
Почетните цени за влезниците беа највисоки во историјата на светските првенства. Билетите за финалето, закажано за 19 јули на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси, започнуваа од 4.185 долари. Тоа е околу седумпати повеќе од цената на најевтината влезница за финалето во Катар во 2022 година.
Поради високите цени, организациите „Фудбал супортерс Јуроп“ и „Еуроконсјумерс“, која се занимава со заштита на потрошувачите, поднесоа официјална жалба до Европската комисија.
ФИФА ја бранеше својата политика со образложение дека средствата собрани од продажбата на билетите повторно ќе бидат вложени во развојот на фудбалот. Организацијата исто така посочи дека цените се приспособени на северноамериканскиот пазар, каде што високите трошоци за присуство на големи спортски настани се вообичаени.
Според податоците на ФИФА, натпреварите на првенството ги посетиле вкупно 6,81 милион навивачи, а исполнетоста на стадионите изнесувала 99,7 проценти. Резултатите ја потврдуваат огромната комерцијална моќ на турнирот, но истовремено ја отворија и дебатата за тоа дали цените ги прават најголемите фудбалски натпревари сè помалку достапни за обичните навивачи.

