HomeСПОРТВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ЌЕ ГИ ОЦЕНУВА ГИМНАСТИЧАРИТЕ НА ОЛИМПИСКИТЕ ИГРИ ВО ЛОС АНЏЕЛЕС...

ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ЌЕ ГИ ОЦЕНУВА ГИМНАСТИЧАРИТЕ НА ОЛИМПИСКИТЕ ИГРИ ВО ЛОС АНЏЕЛЕС 2028

Меѓународната гимнастичка федерација (FIG) е во напредна фаза на преговори за воведување систем со вештачка интелигенција кој би помогнал при оценувањето на гимнастичките настапи на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година. Целта е да се намали можноста за судиски грешки, да се зголеми објективноста и да се избегнат контроверзиите кои со години ја следат гимнастиката.

На развојот на технологијата федерацијата соработува со јапонската компанија „Фуџицу“ уште од 2017 година. Системот користи камери и напредна анализа на движењата за да ги процени изведбите на спортистите и да им обезбеди дополнителна поддршка на судиите.

Технологијата веќе била испробана на неколку големи натпреварувања, меѓу кои и Светското првенство во 2019 година. На неодамнешното Светско првенство во Ротердам, надзорниците за првпат имале можност да користат анализа со вештачка интелигенција за сите десет машки и женски гимнастички справи. Сепак, конечната одлука за оценките и натаму ја носеле човечките судии.

Претседателот на FIG, Моринари Ватанабе, смета дека ваквиот систем може значително да придонесе за отстранување на погрешните процени. Тој потсети на неколку познати судиски контроверзии, меѓу кои спорната одлука за бронзениот медал во женскиот партер на Олимписките игри во Париз во 2024 година, како и случувањата во машкиот повеќебој на Игрите во Атина во 2004 година.

Колку е важна прецизноста на новата технологија објасни и Масao Кондо, претседател на Судиската комисија на Јапонската гимнастичка федерација. Според него, гимнастиката во последните три децении значително напредувала, а спортистите изведуваат сè посложени елементи, чија правилност понекогаш е речиси невозможно да се процени само со човечко око.

Како пример ги посочи вежбите на карики, каде што одредени елементи не се признаваат доколку аголот во рамената отстапува повеќе од 45 степени од пропишаната положба.

„Човечкото око не може да направи разлика меѓу 44, 45 и 46 степени. Токму затоа овој систем ни обезбедува неопходна поддршка“, објасни Кондо.

Ватанабе и претходно се обидувал да ја воведе оваа технологија на Олимписките игри во Токио во 2021 и во Париз во 2024 година, но неговите планови не биле реализирани. Една од пречките е договорот што Меѓународниот олимписки комитет го има со технолошката компанија „Омега“, кој важи до 2032 година.

Амбицијата на претседателот на FIG оди и чекор подалеку – во иднина вештачката интелигенција целосно да ги одредува оценките, без потреба од човечки судии. Според него, поголемата транспарентност би им помогнала и на гледачите полесно да разберат како се пресметуваат резултатите.

„Во атлетиката и пливањето резултатите се одредуваат според времето, а во спортовите со топка е јасно кога некоја екипа ќе постигне гол. Во гимнастиката, за жал, на гледачите не им е толку лесно да разберат како се доделуваат оценките. Тоа мора да се подобри“, порача Ватанабе.

Доколку планот биде реализиран, Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година би можеле да означат голема промена во начинот на кој се оценуваат гимнастичките настапи, со технологија која би имала сè поголема улога во спортското судење.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО