Потрошувачката на граѓаните во Македонија бележи различни движења во зависност од категоријата производи. Во септември годинава значително пораснала трговијата со храна, пијалаци и тутун, како и продажбата на горива, додека кај непрехранбените производи е регистриран пад, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Во споредба со септември минатата година, трговијата на мало со храна, пијалаци и тутун бележи номинален раст од 24,1 процент, додека реалното зголемување изнесува 19,4 проценти.
Сосема поинаква е состојбата кај непрехранбените производи, без горивата. Во оваа категорија е забележано номинално намалување на трговијата од 13,9 проценти, а реалниот пад изнесува 9,2 проценти.
Вкупната трговија на мало, без продажбата на горива, во септември е зголемена за 3,9 проценти номинално и за 4,7 проценти реално.
Најизразен раст има кај горивата. Нивната потрошувачка реално се зголемила за 12 проценти, додека номиналниот раст достигнал 38,7 проценти.
Податоците укажуваат дека во септември најголем дел од растот на малопродажбата е поврзан со храната, пијалаците, тутунот и горивата, додека купувањето други производи бележи значително намалување.

