Првата пратка бесплатни ученички униформи пристигна во средното училиште „Раде Јовчевски – Корчагин“, со што започна реализацијата на мерката на Град Скопје за обезбедување униформи за сите ученици во прва година во средните училишта под надлежност на градот.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој денеска го посети училиштето, информираше дека униформите се изработени од 100 отсто памук. Според него, целта на мерката е да се намали финансискиот товар за семејствата и да се создадат поеднакви услови за сите средношколци.
Ѓорѓиевски порача дека ниту едно дете не треба да се чувствува помалку вредно поради материјалната состојба на своето семејство, нагласувајќи дека во училиштата во преден план треба да бидат знаењето, трудот и талентот, а не облеката што ја носат учениците.
Тој оцени дека униформите можат да придонесат за намалување на видливите социјални разлики меѓу младите, но и за создавање училишна атмосфера во која нема да има простор за потсмевање, дискриминација и врсничко насилство поради облеката.
Покрај оваа мерка, градоначалникот посочи дека Град Скопје вложува и во подобрување на условите за образование преку опремување кабинети по информатика, набавка на дидактички материјали и наставни помагала, интерактивна технологија и паметни табли, како и нови училишни клупи и столчиња.
Во најавените инвестиции се вклучени и уредување спортски терени и фитнес-зони, со цел учениците да добијат посовремени услови за учење, физичка активност и здрав развој.

