HomeМКДРЕКОРДНИ 20 МИЛИОНИ ТРАНСАКЦИИ ПРЕКУ ДИГИТАЛНИТЕ УСЛУГИ

РЕКОРДНИ 20 МИЛИОНИ ТРАНСАКЦИИ ПРЕКУ ДИГИТАЛНИТЕ УСЛУГИ

Дигиталните услуги во земјава бележат значителен раст, а октомври е најуспешниот месец досега според бројот на реализирани трансакции преку платформата за интероперабилност. Во овој период биле регистрирани околу 20 милиони трансакции, информираше министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Според него, сега дневно се реализираат во просек по 650.000 трансакции, додека во текот на 2024 година толкав број се достигнувал за цел месец. Расте и интересот за националниот портал за електронски услуги, преку кој само во октомври услугите ги користеле околу 300.000 граѓани.

Андоновски најави дека во текот на неделава треба да биде пуштена втората верзија на мобилната апликација, со нови можности и подобрени функционалности. Досега апликацијата ја презеле и ја користат повеќе од 30.000 граѓани, а очекува бројот дополнително да расте со проширувањето на понудата на електронски услуги.

Податоците ги соопшти пред почетокот на деветтата Регионална конференција за е-трговија во Скопје.

Министерот се осврна и на посетата на Бон, каде што престојуваше заедно со премиерот Христијан Мицкоски. Според него, значаен дел од разговорите бил посветен на дигиталната трансформација и сајбер-безбедноста.

За време на посетата биле разгледани и искуствата на Македонски Телеком, особено функционирањето на нивниот центар за сајбер-безбедност, кој обезбедува услуги за компании и клиенти во Европа и пошироко.

Андоновски посочи дека Владата сака да создаде услови за привлекување инвестиции во оваа област, но и за развој на домашни компании што ќе нудат решенија за сајбер-заштита. Посебен акцент, како што рече, ќе биде ставен на помошта за малите и средните претпријатија, со цел да ги подобрат дигиталните системи и да се заштитат од сè почестите сајбер-закани.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО