Иранскиот врховен лидер Моџтаба Хамнеи порача дека резултатите од изборите за американскиот Конгрес нема да донесат промена во односот на САД кон Техеран. Според него, погрешно е очекувањето дека политичките промени во Вашингтон или евентуалните отстапки од иранска страна би можеле да го запрат американскиот притисок врз Иран.
Во изјава што ја пренесе иранската државна новинска агенција ИРНА, Хамнеи оценил дека оние што очекуваат промена на американската политика по изборите се во голема заблуда. Тој смета дека смените меѓу политичките партии и фракции во САД нема да го променат односот кон иранскиот народ.
Хамнеи не се појавил во јавноста од крајот на февруари, кога ја презеде функцијата врховен лидер по смртта на неговиот татко и претходник, кој, според објавените информации, загинал во американско-израелските напади врз Иран.
Воените судири меѓу САД, Израел и Иран станаа една од главните теми во кампањата за изборите за американскиот Конгрес. Конфликтот има и директни економски последици, особено врз енергетските пазари, каде што доведе до значителен раст на цените на бензинот и дизелот.
Поскапувањето на горивата ги погоди домаќинствата во повеќе земји, вклучително и во САД, па прашањето за воениот конфликт и неговите економски последици доби значајно место во американската политичка дебата.

