HomeМКДДУИ ОБВИНИ ДЕКА НЕМА НИТУ ЕДЕН АЛБАНЕЦ МЕЃУ НОВИТЕ КАДЕТИ

ДУИ ОБВИНИ ДЕКА НЕМА НИТУ ЕДЕН АЛБАНЕЦ МЕЃУ НОВИТЕ КАДЕТИ

Политичките несогласувања околу правичната застапеност во институциите продолжуваат, откако Демократската унија за интеграција (ДУИ) обвини дека годинава ниту еден кандидат Албанец не бил примен во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“. Од партијата тврдат дека ваков случај се случува за првпат од основањето на Академијата во 1995 година и упатија критики кон коалицијата Вреди.

ДУИ оценува дека отсуството на албански кадети отвора прашања за спроведувањето на принципот на правична и соодветна застапеност во државните институции. Според партијата, одговорноста не е само кај Вреди, туку и кај Владата, која треба да обезбеди почитување на принципите на еднаквост.

Од ДУИ предупредуваат дека ваквите состојби можат да го нарушат духот на Охридскиот рамковен договор и негативно да влијаат врз меѓуетничките односи. Партијата порачува дека правичната застапеност не треба да биде предмет на политички договори и калкулации, туку принцип што мора да се применува во институциите.

Од Министерството за одбрана веднаш ги отфрлија обвинувањата и ги објавија податоците од конкурсот за прием на 29 питомци во Воената академија. Според Министерството, за местата се пријавиле вкупно 99 кандидати, од кои 46 ги исполниле критериумите за продолжување на селекцијата.

Од вкупниот број пријавени, 95 биле Македонци, двајца Албанци, еден Ром и еден Влав. Од двајцата кандидати Албанци, едниот се откажал од постапката, додека другиот, според објавената ранг-листа, завршил на 43. место.

Министерството смета дека обвинувањата на ДУИ се паушални и популистички и предупредува дека ваквиот начин на политичко толкување на резултатите може да поттикне меѓуетничка нетрпеливост.

Одбраната посочува дека правичната застапеност подразбира и заинтересираност на кандидатите од различните етнички заедници да се пријавуваат на јавните конкурси, но нагласува дека приемот во Армијата мора да се заснова и врз исполнување на утврдените критериуми и постигнатите резултати.

Од Министерството тврдат дека конкурсот бил објавен транспарентно, преку дневни весници на македонски и албански јазик, официјалната веб-страница, медиумите и социјалните мрежи на институцијата и Воената академија.

Во реакцијата се наведува дека Министерството ќе продолжи да ја почитува правичната и соодветна застапеност, но дека нема да се откаже од критериумот за прием на најуспешните кандидати, со оглед на одговорноста што ја носи воената професија.

Така, наместо заеднички став околу застапеноста во Воената академија, се отвори нова политичка расправија меѓу ДУИ и Министерството за одбрана, со спротивставени толкувања на резултатите од конкурсот.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО