Основниот кривичен суд во Скопје одреди ефективен притвор за две лица осомничени дека биле дел од криминална група од Куманово, додека едно лице ќе биде во куќен притвор. На четвртиот осомничен му се определени мерки на претпазливост, меѓу кои и одземање на пасошот.
Од Судот информираат дека по сослушувањето на четворицата осомничени, во присуство на нивните адвокати, биле прифатени предлозите на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за обезбедување на нивното присуство во постапката.
Притворот за Д.П. и М.К. е одреден поради опасност од бегство, можност за повторување или довршување на кривичните дела, како и ризик од влијание врз сведоци и попречување на истрагата. За Л.К. е определен куќен притвор, додека на Д.Ж. му е одземена патната исправа и му е забрането да добие нов документ за преминување на државната граница.
Истрагата опфаќа уште едно лице кое во моментов не е достапно за органите на прогонот, бидејќи извесен период се наоѓа во странство. Според досегашните информации, по него сè уште не е распишана меѓународна потерница.
Обвинителството денеска отвори истражна постапка против осомничените, кои се товарат за злосторничко здружување, перење пари и изнуда. Според сомневањата, групата од 2021 година организирала изнудување пари од граѓани, користејќи закани и злоупотребувајќи ја нивната финансиска зависност поради претходно земени заеми.
Во предметот е опфатен и нотар, кој се сомничи за несовесно работење во службата. Преку неговата канцеларија, според истрагата, биле заверувани договори за заеми и купопродажба со фалсификувани потписи. Станува збор за лицето на кое му е одземен пасошот и му е ограничено патувањето во странство.
Акцијата следувала по пријава од граѓанин, по што полицијата започнала да собира материјални докази за активностите на групата. Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, претходно изјави дека истражителите располагаат со сериозни докази за работењето на осомничените.

