Ракометарите на Вардар по големиот триумф на гостувањето кај Нант ќе се обидат да ја продолжат победничката серија и со уште еден добар резултат да го заокружат настапот во Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ во среда во Скопје го пречекуваат Мелсунген, екипа на која бодовите ѝ се важни во борбата за пласман во следната фаза.
Победата во Франција беше значаен момент за тимот предводен од Иван Чупиќ, кој конечно ги освои првите бодови во овогодинешното издание на елитното европско натпреварување. По тој резултат, вардарци во последниот натпревар ќе влезат со помал притисок, но со желба уште еднаш да покажат дека можат да се надигруваат со силни европски противници.
Средбата против Мелсунген ќе се одигра во салата „Јане Сандански“ во Скопје, со почеток во 18:45 часот. Иако Вардар нема можност да продолжи понатаму во натпреварувањето, германскиот состав има резултатски мотив, што најавува сериозен предизвик за домаќините.
На прес-конференцијата пред дуелот, голманот Милош Валах, кој беше еден од најзаслужните за победата над Нант со дури 17 одбрани, порача дека тимот е мотивиран да ја заврши европската сезона со уште еден триумф.
„Го играме последниот меч од Лигата на шампионите. Ние немаме шанси за пласман понатаму, но Мелсунген има. Посакувам токму сега да оствариме две победи во низа. Гладни сме за победа. Пред нас е многу важна недела, во која играме екстра важни натпревари – овој и оној против Пелистер“, изјави Валах.
За Вардар, дуелот со германскиот тим ќе биде можност со позитивен резултат да стави точка на европските настапи, но и да ја задржи добрата атмосфера пред важниот домашен предизвик против Пелистер. Победата над Нант покажа дека скопјани можат да одиграат на високо ниво, а сега ќе имаат можност тоа да го потврдат и пред своите навивачи.

