HomeМКДЗдравствоВО СКОПЈЕ СЕ ОДРЖУВА ПРВИОТ НЕФРО-САМИТ

ВО СКОПЈЕ СЕ ОДРЖУВА ПРВИОТ НЕФРО-САМИТ

Во Скопје се одржува првиот Нефро-самит, кој ги обединува домашните и меѓународните медицински експерти со цел размена на знаења и искуства за современото лекување, превенцијата и раното откривање на бубрежните заболувања. Настанот, во организација на ЈЗУ Универзитетска клиника за нефрологија, трае од 5 до 7 ноември.

Директорот на Клиниката, доц. д-р Никола Ѓорѓиевски, истакна дека ваквите стручни средби се важна можност за претставување на новите терапевтски пристапи и унапредување на грижата за пациентите.

Тој посочи дека хроничната бубрежна болест е сериозен здравствен проблем на глобално ниво, а дијабетесот и високиот крвен притисок се меѓу главните фактори кои го зголемуваат ризикот од нејзино појавување. Поради тоа, една од клучните теми на самитот е превенцијата преку навремено препознавање на ризиците и рана дијагностика.

Посебно внимание ќе им биде посветено и на ретките бубрежни заболувања, како и на трансплантацијата на бубрег. Според Ѓорѓиевски, за пациентите со терминална бубрежна слабост трансплантацијата претставува најповолна терапевтска опција, бидејќи овозможува подолг животен век, подобра здравствена состојба и полесно враќање во секојдневните активности.

Меѓународниот карактер на настанот го потврдува учеството на стручњаци од Србија, Албанија, Црна Гора и Бугарија, како и предавачи од Белгија, Франција и Шпанија.

Интересот за првото издание на самитот е голем. На отворањето присуствувале повеќе од 200 медицински работници, поддржувачи и претставници на институциите.

Од Клиниката упатуваат апел до граѓаните да посветат поголемо внимание на здравјето на бубрезите, редовно да ги контролираат крвниот притисок и шеќерот во крвта и навреме да побараат медицински совет. Раното откривање на проблемите може да биде клучно за спречување на понатамошно оштетување и зачувување на квалитетот на животот.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО