Жителите на украинскиот град Олешки, кој се наоѓа под руска окупација, се евакуирани и денеска пристигнале во Белорусија, минувајќи низ руска територија. Операцијата била овозможена со привремен прекин на огнот, договорен со посредство на првата дама на САД, Меланија Трамп. Од Белорусија евакуираните треба да го продолжат патувањето кон делот од Украина што е под контрола на украинските сили.
Станува збор за жители на град во јужниот дел на Украина, кои со месеци се соочувале со исклучително тешки услови за живот, недостиг од храна и лекови. Евакуацијата започнала вчера, откако Киев и Москва постигнале договор за привремено запирање на борбите со цел да им овозможат безбедно заминување на цивилите.
Првично, жителите со автобуси биле превезени од Олешки до рускиот град Анапа. Оттаму, со руски воени авиони биле префрлени во белорускиот град Гомел. Според последните информации од украинските претставници, во Гомел слетале четири авиони со евакуирани лица.
Заврши воздушната евакуација, следува враќање во Украина
Украинскиот пратеник Давид Арахамија соопшти дека пристигнал и последниот авион и дека евакуираните жители, заедно со украинските претставници, во текот на денот треба да пристигнат на територијата под украинска контрола.
Операцијата ја следел и украинскиот народен правобранител за човекови права, Дмитро Лубинец.
Засега не е објавен точниот број на лица кои успеале да го напуштат опколениот град. Станува збор за прва хуманитарна операција од ваков вид од почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
Според достапните информации, повеќе од 200 жители одлучиле да заминат на територија под украинска контрола, додека десетици други избрале да се преселат во областите под руска контрола.
Евакуацијата била организирана заеднички од Украина и Русија, во рамките на примирјето постигнато со посредство на САД, кое е во сила од вторникот. Според тврдењата на двете страни, на жителите им била дадена можност сами да одлучат дали ќе го напуштат градот или ќе останат во него, и покрај тешките услови и сериозниот недостиг од основни производи и лекови.
Дел од евакуираните привремено биле сместени во Симферопол, на Крим, полуостровот кој Русија го анектираше во 2014 година, пред да го продолжат патувањето.
Во Олешки останале повеќе од 1.000 жители
И покрај евакуацијата, се проценува дека во Олешки сè уште живеат повеќе од 1.000 луѓе. Градот се наоѓа во близина на фронтовската линија и е отсечен од останатиот дел на земјата. Пред почетокот на војната имал околу 24.000 жители.
Условите за движење се исклучително опасни. Околината е густо минирана, поставени се бројни противтенковски пречки, а руската војска го затворила пристапот до градот. Дополнителна закана претставуваат и нападите со украински беспилотни летала.
Украинскиот правобранител Дмитро Лубинец и неговата руска колешка Јана Лантратова вчера отпатувале во Олешки за лично да го следат спроведувањето на евакуацијата.
Тие ѝ се заблагодариле на американската прва дама Меланија Трамп за посредувањето при постигнувањето на примирјето, кое, според најавите, треба да трае до утре на крајот на денот.
Воедно, била разгледана и можноста за организирање дополнителни хуманитарни операции со цел да им се помогне на жителите на други загрозени градови долж фронтовската линија.

